Израелски медиуми: Трамп подготвува формирање на палестинска држава

126
Palestinian women supporting the Hamas shout slogans during a rally in Gaza City on December 14, 2015, to mark the ruling Islamist movement's 28th birthday. AFP PHOTO / MAHMUD HAMS / AFP PHOTO / MAHMUD HAMS

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготви мировен план за Блискиот Исток, кој предвидува формирање на палестинска држава на 85 до 90 отсто од Западниот Брег, објавија денеска дел од израелските медиуми.

Според планот, главниот град на идната палестинска држава би бил лоциран во „поголемиот број арапски квартови“ во Источен Ерусалим.

Израелската телевизија Канал 13 синоќа јави дека така наречениот „договор на векот“, како што го нарече Трамп, предвидува поделба на Ерусалим, како и тоа Израел да го задржи суверенитетот над западниот дел од градот и светите места, вклучително и Стариот Град и непосредната околина. Но, со светите места, предвидено е Израел заеднички да раководи со Палестинците и со Јордан, а можеби и со други земји.

Според наводите на израелските медиуми, од 85 до 90 отсто од територијата на Западен Брег би биле под палестински суверенитет, а Администрацијата на Трамп би предложила размена на територии. Големите еврејските населби на окупираниот Западен Брег ќе бидат анектирани, додека изолираните населби нема да бидат присилно евакуирани, но нема да им биде дозволено да се прошируваат.

Во планот на се спомнуваат предлози за решавање на статусот на палестинските бегалци ниту судбината на Појасот Газа, кој е под контрола на Хамас.

САД очекуваат Палестинците да го одбијат предлогот во таква форма. Палестинскиот лидер Махмуд Абас ја бојкотира Администрацијата на Трамп откако американскиот претседател во декември 2017 година го призна Ерусалим за главен град на Израел.

Но, се очекува Израел да го прифати планот, кој не би бил претставен пред израелските предвремени избори, што се закажани на 9 април.

Но, Палестинската управа не се согласува со новиот предлог на Вашингтон со образложение дека е неприфатливо сѐ што подразбира држава формирана во границите пред војната во 1967 година, кога Израел го освои Западниот Брег со Источен Ерусалим и Појасот Газа.

Портпаролот на Палестинската управа, Набил Абу Рудејне изјави дека ќе пропадне секој мировен план, што не предвидува палестинска држава во чии граници ќе биде цел Источен Ерусалим, како главен град.

Белата куќа наводите на израелските медиуми ги оцени како неоснована шпекулација.

– Како и во минатото шпекулациите во однос на мировниот план не се точни – се наведува во соопштението на Белата куќа.