Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху обвинет за корупција

45

Израелски јавен обвинител го обвини премиерот Бенјамин Нетанјаху за мито, измама и кршење на довербата во три одделни случаи. За Нетанјаху се вели дека прифатил подароци од богати бизнисмени и им давал услуги за тие да бидат подобро застапени во медиумите, пренесува Би-би-си.

Премиерот Нетанјаху ги негира овие обвинувања и рече дека тој е жртва на лов на вештерки од левичарските противници и медиумите. Тој потенцира дека нема да поднесе оставка и не е законски должен да го стори тоа.

Ова обвинение доаѓа во услови на политички судир во Израел по неуверливите општи избори во април и септември.

Вчера, ривалот на Нетанјаху за премиерската позиција, Бени Ганц, изјави дека не е во состојба да командува со мнозинството во парламентот и да формира владејачка коалиција. Претседателот Реувен Ривлин му даде можност да се обиде да формира влада кога Нетанјаху не успеа да го стори тоа.

Ривлин денес официјално ги замоли пратениците да се договорат за кандидат за премиер во рок од 21 ден и да избегнат трети избори за една година.