Израелскиот крал на дрогата ѝ побегнал на полицијата при депортација

623

Амос Дов Силвер, основач на најголемата светска мрежа за продажба на дрога преку интернет, побегнал од киевскиот меѓународен аеродром „Бориспил“, пренесе агенцијата „Тасс“.

Украинската национална полиција ја потврди ова информација.

– Да, бегството навистина се случило. Меѓутоа, полицијата не беше официјално информирана за тоа. Неговата екстрадиција беше одговорност исклучиво на Украинската служба за безбедност (СБУ), а тие не ја известија полицијата, јавниот обвинител или која било агенција вообичаено вклучена во вакви постапки. Затоа ова прашање е во нивна надлежност – соопшти полицијата.

Од СБУ биле недостапни за коментар за руската агенција.

Претходно, украинскиот портал „Стен“ објави дека бегството на кралот на дрогата се случило синоќа, кога тој бил донесен на аеродромот за да биде депортиран назад во Израел.

Според информациите на порталот, откако ја минал пасошката контрола, од глуждот му бил отстранет уредот за електронски надзор, по што се упатил кон бесцаринската зона и исчезнал.

Одлуката за депортација на израелскиот државјанин беше донесена на 15 август, но украинските власти за тоа не ги известиле израелските колеги и самите ја спровеле.

Силвер има двојно државјанство – американско и израелско, а беше уапсен во Киев, на барање на Израел.