Изолацијата дополнително го отуѓува Кашмир од Њу Делхи

39

Жителите на Кашмир живеат под блокада откако Индија ја укина уставната автономија на спорниот регион. Незадоволното локално население постави барикади, спречувајќи го влезот на индиските безбедносни сили во регионот кој се соочува со протести и со рестрикции.

Индија на почетокот на месецов испрати десетици илјади дополнителни трупи во Кашмир, ги затвори училиштата и факултетите, на туристите им нареди да заминат, додека Интернет и телефонската комуникација беше прекината.

Чувството на доминација во Кашмир укажува на подлабоко отуѓување од Њу Делхи. И малку е веројатно дека ова ќе се промени за подолг временски период, пишува „Кварц“.

– Кашмир не се навикна на владеењето на Њу Делхи во последните 70 години. Малку е веројатно дека тоа ќе се случи сега – вели колумнистот Насер Ахмад.

Според Ахмад, Кашмир во моментов протестира и долготрајната блокада само го потврдува овој факт.

Многумина кои го набљудуваат Кашмир предвидуваат засилување на милитаризацијата во регионот. Кашмир тешко се опоравува под тридецениската милитантна борба за ослободување од Индија.

– Кашмир би можел да се соочи со зголемен прилив на милитанти од Пакистан што значително ќе го подигне нивото на насилство во државата – пишува новинарот Саман Ахмад.

Кашмир со децении е точка на раздор помеѓу Индија и Пакистан, кои од 1947 година водеа две војни за неговата територија. Веќе седум дена во Сура се случуваат масовни протести, а демонстрациите се разбивани од паравоената полиција на Индија со солзавец.

Индиските власти првин негираа за случувањето на протестот, за потоа да тврдат дека се работи само за 1.500 демонстранти. Сепак, нивниот број е значително поголем.

За првпат и сепаратистите и унионистите се обединија против Њу Делхи, иако не ја делат истата платформа. Ова може да претставува најголем предизвик на Њу Делхи во Кашмир.