Идниот глас на Европа ќе добие недипломатски тон?

112

Министерот за надворешни работи на Шпанија, Хозеп Борел, има големи амбиции за функцијата шеф за надворешната политика на ЕУ и силен темперамент кој може да му помогне во остварување на амбиците, доколку не ги отуѓи сите вклучени процесот, пренесува „Политико“.

Актуелниот министер за надворешни работи на Шпанија, номиниран за следен висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика, во текот на четиридецениската кариера на некои од водечките функции во шпанската и во европската политика изгради репутација на човек што го кажува она што го мисли и има предизвикувачки авторитет. Популарен меѓу шпанските гласачи, тој покажува одлучни „недипломатски“ предиспозиции за конфликт.

– Тој не е љубител на слаткоречивиот дипломатски јазик – рече негов близок соработник.

Сепак, ветеранскиот каталонски социјалист е претпазлив во врска со неговите шанси да го добие одобрението од Европскиот парламент. Неговата номинација е дел од пакетот за пополнување на функциите во ЕУ, во кој спаѓа поставувањето на Урсула фон дер Лејен за претседателка на Европската комисија и Шарл Мишел за претседател на Европскиот совет.

Доколку биде одобрена номинацијата од ЕП, Борел во ноември ќе ја наследи Федерика Могерини како водечки дипломат на ЕУ. Контрастот помеѓу нив двајца не може да биде поочигледен.

Бројните разлики помеѓу Борел и Могерини, веројатно се поради фактот што Могерини ја презеде работата кога имаше 41 година и имаше мало искуство од осум месеци како италијански вршител на функцијата министер за надворешни работи. Борел е 72-годишен ветеран од преземањето на социјалистите во Шпанија во 1982 година и служеше во повеќе министерства пред да се кандидира за премиер и претседател на Европскиот парламент.

– Некои велат дека тој не е премногу дипломатски настроен. Тоа може да биде предност, но и слабост – рече еврокомесарот Пјер Московичи, кој беше потпретседател на Европскиот парламент, под Борел.

Московичи исто така наведе дека оваа работа не е лесна затоа што треба да се постигне баланс помеѓу Комисијата и Советот. Борел треба да биде гласот на Унијата, што можеби нема да наиде на одобрување на министрите за надворешни работи. Поради тоа, корисно е тој да помине повеќе време со нив, но, како што смета Московичи, поради искуството на Борел, тој добро би се справил со таквата ситуација.