Зошто фабриките за месо се жаришта на ковид-19?

312
Коронавирусот наруши голем број животно важни сектори, меѓу кои и прехранбената индустрија

Една од причините за рапидното ширење на коронавирусот во фабриките меѓу работниците, особено во оние за преработка на месо и месни производи, според Би-би-си, е тоа што во просториите за работа тешко може да се одржи физичката дистанца, а недостигот од дневна светлина дополнително може да му помогне на вирусот да преживее подолго

Рестрикциите поради ковид-19 нарушија голем број животно важни сектори, меѓу кои и прехранбената индустрија на глобално ниво. Изминатиот период светската јавност беше сведок на информации и вести од ударот на пандемијата во прехранбената индустрија, каде што имаше многу вести за вработени во компании за преработка на месо и во кланици што се заразиле со опасниот ковид-19. Ваквите случаи беа забележани во повеќе земји меѓу кои во последен период во Германија, Франција, Шпанија, Велика Британија, но и во САД.

Би-би-си во своја анализа изнесува неколку интересни стојалишта за тоа зошто вработените во овие компании се заразуваат со коронавирусот и какво е влијанието врз прехранбената индустрија во светот од пандемијата. Како една од причините за рапидното ширење на коронавирусот општо во фабриките меѓу работниците, но и особено во оние за преработка на месо и месни производи, според британскиот медиум, е тоа што во просториите за работа меѓу другото тешко може да се одржи физичката дистанца од 2 метра помеѓу работниците, а недостигот од дневна светлина дополнително може да му помогне на вирусот да преживее подолго.

Според Лоренс Јанг, професор по молекуларна онкологија на Универзитетот во Ворвик, фабриките, а особено затворените средини што се студени и влажни се совршени околини за задржување и ширење на коронавирусот. Друг можен фактор во овие студенти места се и машините поради кои вработените се принудени да зборуваат гласно, со што може да се исфрлаат повеќе заразени капки. Згора на тоа, тешко е да се одржи физичката дистанца од 2 метра помеѓу работниците што работат на производство, а недостигот од дневна светлина може да му помогне на вирусот да преживее подолго.
– Кога имате луѓе што стојат еден до друг и работат напорно бидејќи станува збор за тешка работа, има шанси вирусот да се прошири од само еден заразен на многумина што се во близина – објаснува Тара Смит, професорка по епидемиологија на државниот универзитет „Кент“ во Охајо.

Нема доказ дека самите месни производи може да бидат извор на зараза во фабриките. Агенцијата за стандарди во исхраната во Велика Британија вели дека е малку веројатно да се добие коронавирус од храната бидејќи вирусот не се пренесува на тој начин.
Меѓутоа, меѓу причините за зголемување на ризикот за зараза во фабриките се вбројуваат и другите услови за работа. На пример, некои вакви фабрики нудат и престој во фабриката или во близината каде што престојуваат повеќе вработени. Овие лица цел ден го минуваат заедно во затворена просторија, вели Мајк Хид од Универзитетот во Саутемптон.
Како што наведува Би-би-си, освен тоа, фабриките низ Европа честопати вработуваат мигранти, кои не добиваат здравствено осигурување и кои би губеле пари доколку се изолираат кога не се чувствуваат добро.
На истава тема пишува и германски „Доче веле“. Медиумот наведува дека по неодамнешните низа појави на зарази во кланиците низ земјата германската влада вети дека ќе ја сузбие практиката за користење на производителите, кои често вработуваат странски работници и ги сместуваат во мали простори.

– Не е случајно тоа што кланицата „Тенис“ стана жариште на инфекција со коронавирусот – изјави Фреди Адјан, заменик-претседател на синдикатот НГГ, кој ги претставува работниците во индустријата за храна и пијалак. Тој додаде дека непочитувањето на мерките за одржување на физичкото растојание, како и несоодветно опремените простории предизвикале инфекцијата рапидно да се рашири. Според него, сите фабрики без исклучок треба да ги почитуваат протоколите за безбедност при работа и да обезбедат доволно светлина во просториите за работа.
– Луѓето се заразуваат со коронавирусот преку капки, кои може да бидат искашлани или исфрлени при зборување од страна на заразено лице. Заразата настанува при близок контакт со заразени лица или преку допирање површини на кои го има вирусот – велат експертите.