Зошто Тикток ги загрижува политичарите?

288

Владите се загрижени дека популарноста на апликацијата е во корист на кинеското разузнавање

Економист

Позната како „најновата светла точка на Интернет“, Тикток е социјална медиумска платформа од Кина, која во моментов има повеќе симнувања од Фејсбук или од неговите сестрински сервиси, Инстаграм и Ватсап. Неговата матична компанија „Бајтденс“ е највредниот незаведен технолошки стартап во светот, а неодамна беше проценет меѓу 90 и 100 милијарди долари. Тикток има над 100 милиони корисници на Западот како и во Кина, но неговото влијание во светот и кинеското потекло оставаат простор за сомнежи кај западните влади.

Зошто апликацијата е толку популарна? Кога ќе ја отворат, корисниците добиваат постојан пристап до видео-снимки не подолги од една минута. На нив корисниците ги покажуваат своите интереси, а само со едно движење на прстот можете да ја прескокнат видео-снимката која не им се допаѓа. За време на рестриктивните мерки од коронавирусот, Тикток масовно го користеа корисниците во своите домови. Видео-снимките означени со хаштагот коронавирус имаа над 64 милијарди прегледи.

Апликацијата беше креирана со одлуката на матичната компанија „Бајтденс“ да ја откупи „мјузикал.ли“ од кинеските основачи во 2017 година. „Мјузикал.ли“ беше платформа со видео-содржини на кои тинејџерите се снимаа додека се преправаа дека пеат познати песни или изведуваа комични скечеви. Стратегијата се покажа како успешна. Познатите личности и медиумите имаат кориснички сметки на Тикток, а модните брендови сега се рекламираат на него. Седум од десет корисници се на возраст под 25 години. Тикток заработува од реклами и од провизии за совети кои корисниците ги нудат преку таканаречените „Тикток монети“ на нивните омилени креатори. Во Кина, каде што Тикток е познат како Дуин заработува од електронска трговија што во иднина може да се случи и со Тикток.

Тикток е првата кинеска апликација која масовно се користи во светот и токму тоа му пречи на Западот. Американските политичари стравуваат дека кинеската влада можеби чува податоци на многу милиони Американци кои ја користат апликацијата. Западните влади исто така се загрижени за цензурата. Овој проблем се најде во фокусот на вниманието лани есента, кога неколку видео-снимки од протестите во Хонгконг беа објавени на апликацијата. Лани во ноември, американската влада отвори постапка за разгледување на купопродажбата на „мјузикал.ли“ од страна на „Бајтденс“. Компанијата инсистираше дека не споделува кориснички податоци со Кина и дека податоците за корисниците надвор од Кина се чуваат на посебни, некинески сервери. Таа не сакаше да ги отстрани видео-снимките од протестите во Хонгконг и посочи дека Кина не смее да диктира што ќе гледаат Американците.

Зголемениот притисок подеднакво од владите и од корисниците веројатно доведе до одлуката на Тикток да го воведе Центарот за транспарентност во Лос Анџелес. Фирмата тврди дека центарот, кој беше отворен во мај, ќе им овозможи на надворешните експерти да ги прегледуваат и потврдуваат содржините на апликацијата. Можеби неговата работа ќе ги смири незадоволните влади, а можеби никогаш нема да исчезне недовербата на Западот во кинеската апликација. Но засега, сите погледи остануваат вперени во екраните.

Превод: Билјана Здравковска