Зошто сплетките на Банон не ја разбрануваа Европа?

306
Стив Банон

Поранешниот стратег на Трамп изминатава година сакаше да ги зајакне ултра-десничарските партии на Стариот континент, но постигна многу малку во таа сфера

Атлантик

Авторка: Јасмин Серхан

Францускиот филозоф и автор Бернар-Анри Леви на петочната дебата на Атинскиот демократски форум му порача на Стив Банон, поранешниот главен стратег на Белата куќа, дека „прави валкани работи во Европа и дека сите движења што ги помага, воопшто не се задоволни“. Дебатата која ја водеше Роџер Коен, новинарот од „Њујорк тајмс“, е едно од неколкуте појавувања на Банон во Европа во изминатата година како дел од неговиот обид да создаде движење чија цел беше да ги поддржи националистичките и антивладините партии пред изборите во Европскиот парламент што се одржаа во мај годинава.

Сепак и покрај толку време, Банон не може да се пофали со голем успех. Иако многу ултра-десничарски партии остварија значаен напредок и се наметнаа како постојани фигури на европската политичка сцена, сепак не се случи очекуваниот голем десничарски бран. (Ова се потврди на последователните избори ширум континентот каде што, иако некои партии забележаа лоши резултати, барем покажаа релативно висок процент на поддршка во изборното тело.).

Дури и популистичките и националистичките сили да се етаблираат во Европа, сепак не е јасно дали тоа се должи на Банон. Неговата експертска група во Брисел позната едноставно како „Движењето“, генерално е залуден труд, затоа што подемот беше спречен од ограничените удели на европските партнери како и строгите закони со кои се забрануваат финансиски донации од странски извори.

Но можеби најголемата пречка за успехот на Банон во Европа беа токму ултра-десничарските партии кои тој вети дека ќе ги поддржува. Иако поранешниот стратег на Доналд Трамп се појавуваше рамо до рамо со некои од најистакнатите ултра-десничарски лидери во Европа, како лидерката на францускиот Национален фронт Марин Ле Пен и Матео Салвини, лидерот на италијанска Лига и поранешен министер за внатрешни работи, сепак малкумина дадоа зелено светло да се обединат под неговото националистичко знаме. Шведските демократи „не беа заинтересирани“ за проектот на Банон, Вламс Беланг од фламанската националистичка партија порача дека напорите „биле лошо организирани“. Алтернатива за Германија порача дека интересите на антивладините партии во Европа се премногу „различни“ за да се обединат.

Најчестата причина на скептиците за плановите на Банон е дека тој не е Европеец. Во нивните очи тој е „Американец“ како што изјави францускиот политиколог Жан-Ив Ками, и дека „не смее да се заборави дека неколку партии од екстремната десница во политичкиот спектар се прилично анти-американски и секогаш го критикуваат американскиот империјализам и надворешната политика“.

Но не е во прашање само американизмот на Банон, поради кој дел од европските националистички партии не сакаат да соработуваат со него. Нивната неволност потекнува од она што се смета за суштинско недоразбирање за вистинското функционирање на овие партии. Иако многу од ултра-десничарските движења во Европа имаат заеднички ставови за доселувањето, економијата, улогата и иднината на ЕУ, овие ставови не секогаш се манифестираат во исти политички цели. Покрај надежите да станат доминантна сила во Европскиот парламент по изборите во мај, десничарските популистички партии мораа да се задоволат да бидат само петта најголема политичка група во законодавното тело. (На пример, актуелната ултра-десничарска политичка група предводена од Салвини не успеа да ги убеди да се обединат брегзитовската партија на Најџел Фараж и Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан).

Ками порача дека „не може едноставно да се оформи сојуз од сите главни десничарски конзервативни и екстремни десничарски политички партии, затоа што Орбан, Салвини и Ле Пен не можат да седнат на иста маса“.

Банон се потруди да го стори токму ова. Се обиде да ги надмине националните поделби со тоа што сакаше каузата на европските популистички партии не само да биде против владејачките партии, туку и генерално против глобализмот.

Метју Гудвин, професор по политички науки на универзитетот во Кент, изјави дека „целта на градењето на наднационалните сојузици беше полесна за левицата отколку за десницата“ и притоа истакна дека иако левичарските движења се обединија околу општите принципи како што се класната солидарност и распределба на ресурсите, сепак десничарските движења беа поограничени и не се создадени за да водат кампањи надвор од границите на сопствената држава“.

Можеби крајната цел на Банон не е да влијае врз иднината на десничарскиот популизам во Европа, туку само да се стекне таков впечаток. Ерик Морис, директорот на фондацијата „Роберт Шуман“ од Брисел и воедно европска експертска група, порача дека „самиот факт што медиумите пишуваат за него, претставува дел од неговата лична стратегија да изгледа дека е присутен, дека ги влече конците и работи на генијалниот план да ја стави на власт крајната десница“.

Превод: Билјана Здравковска