Зошто сака Трамп да го купи Гренланд?

2295
На Гренланд се наоѓа најсеврната американска воена база

Покрај стратегиската и геополитичката важност што ја има овој северноатлантски остров, тој поседува и големи природни богатства, вклучувајќи и нафта и природен гас. Американската геолошка служба проценува дека островот има резерви нафта од околу 17,5 милијарди барели, како и 148,2 трилиони кубни метри природен гас. Локалните власти на Гренланд од 2000 година почнаа со издавање лиценци за нафтените компании, а досега се издадени вкупно 23 дозволи за експлоатација

Американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста за купување на Гренланд, најголемиот остров на светот. Трамп уште од претходно покажувал голема заинтересираност за островот, со кој управуваат неговите 56.000 жители, додека, пак, Данска е надлежна за надворешната и безбедносната политика на Гренланд. Покрај стратегиската и геополитичката важност што ја има овој северноатлантски остров, тој поседува и големи природни богатства, вклучувајќи и нафта и природен гас.
Трамп, како што пишува „Волстрит журнал“, уште ланилето ја разгледувал идејата за купување на Гренланд. Но ова не е прв американски обид за купување на островот: првпат тоа го стори Стејт департментот уште во далечната 1867 година, охрабрен од успешната зделка со купувањето на Алјаска од Русија, додека последниот обид беше во мандатот на претседателот Хери Труман во 1946 година, кога на Копенхаген му понуди сто милиони долари за островот. Меѓутоа, според порталот „Геополитика“, Данска очигледно не е Царска Русија, а Трамп е поттикнат од данските финансиски проблеми во врска со исплатата на субвенции за Гренланд, кои на годишно ниво изнесуваат околу 600 милиони долари. Американскиот претседател дури побарал и правни консултации од Белата куќа за реализирањето на овој проект. Трамп наредниот месеци треба да пристигне во првата посета на Данска, по што се очекува многу работи да бидат појасни околу американскиот предлог.

Гренланд формално е во состав на Данска, но има и свои држави институции, како што е Министерството за надворешни работи. Токму ова министерство прво реагираше на идејата на Трамп, порачувајќи дека Гренланд не може да биде ставен на продажба. Островот има и свој буџет од 985 милиони долари, при што Данска со субвенциите покрива околу 60 отсто од буџетот. Меѓутоа, надворешната политика на островот, како и прашањата за неговата безбедност, ја одредува Данска, независно од официјалното постоење на (полу)државните институции на Гренланд. Американската геолошка служба проценува дека островот има резерви нафта од околу 17,5 милијарди барели, како и 148,2 трилиони кубни метри природен гас. Локалните власти на Гренланд од 2000 година почнаа со издавање лиценци за нафтените компании, а досега се издадени вкупно 23 дозволи за експлоатација. Најактивна е британската „Керн енерџи“, но дел од профитабилниот „колач“ сакаат и гигантите „Шел“, „Шеврон“, „Маерск“ и други енергетски компании, но добивањето нафта е многу отежнато поради тамошните лоши климатски услови. Сепак, главниот природен ресурс на Гренланд се рибите: морските плодови сочинуваат дури 87 отсто од вкупниот извоз на островот, или 280 милиони долари годишно.

Гренланд има и голема геостратегиска важност, пред сѐ во зоната на Арктикот, која изминатите години повторно е предмет на меѓусебна трка помеѓу големите сили, пред сѐ Русија, САД и Кина, поврзана со т.н. Северен морски пат, со кој многу се скратува пловидбата од Далечниот Исток кон Атлантски Океан, односно Европа и источниот брег на Северна Америка. Северниот морски пат сѐ повеќе се актуализира изминатиот период, благодарение на климатските промени и глобалното затоплување што доведуваат до намалување на вкупната површина на мраз на Арктикот, а сето тоа гарантира продолжени можности за пловење на бродовите во оваа поларна област.
„Геополитика“ оценува дека токму стратегиската важност на Гренланд, а не неговите природни ресурси, е главната причина за американската заинтересираност за негово купување. И Кина покажува сѐ поголем интерес за најголемиот остров на светот и за инвестирање во него, исто како и Исланд. Покрај тоа, Данска и САД уште во 1951 година постигнаа договор во сферата на одбраната, кој им овозможува на Американците користење на тамошната воздухопловна база Туле, лоцирана на северот на Гренланд. Станува збор за најсеверната американска воена база.

Интересно е тоа што по Втората светска војна, тогашниот американски претседател Труман во 1946 година му предложи на Копенхаген, САД да го купат Гренланд за сто милиони долари, но доби негативен одговор. Допрва останува да се види дали Трамп при неговата посета на Данска ќе предложи соодветна цена за островот. Данските политичари и тамошната јавност сигурно се против таквиот предлог, но, како што наведува „Геополитика“, симптоматично е молчењето на новата данска премиерка и нејзината влада. Сигурно, има влијание и тоа што Данска е членка на Европската Унија, која, исто како и Трамп, е гладна за нови природни ресурси, пред сѐ нафта и гас, а улога има и напорот на Унијата во блиска иднина самата да управува со сопствените вооружени сили и сопствената безбедност. Од друга страна, познат е и фактот дека Данска, покрај Британија, е најголем американски сојузник од оваа страна на Атлантикот. Еден од најновите примери за тоа е и упорното одбивање на Копенхаген за издавање официјална дозвола за поминување на рускиот гасовод Северен тек 2 низ данските територијални води. Сепак, мора да се напомене дека Данска нема ниту приближно слични надворешнополитички интереси со САД, Русија и Кина.


За Трамп сето тоа е голема зделка со недвижнини

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека самата грижа за Гренланд ја чини Данска околу 700 милиони долари годишно.
– Многу работи може да се направат. Во суштина тоа е голема зделка со недвижнини – додаде Трамп во изјавата за американските медиуми по повод неговиот предлог за купување на Гренланд.
Претходно и економскиот советник на Белата куќа, Лери Кадлоу, потврди дека Трамп е заинтересиран за купување на Гренланд. Според него, Гренланд, кој се наоѓа меѓу Атлантски и Северен Океан, е стратегиско место со многу вредни минерали.


Богато американско искуство со купување туѓи територии

Во 1917 година, САД за 25 милиони долари ја купија тогашната Данска Западна Индија – данска колонија во архипелагот Мали Антили, источно од Порторико. По купувањето, таа го добива името Американски Девствени Острови. САД веќе имаат добро разработена практика за проширување на својата државна територија преку купување туѓи територии и области: во 1848 година, како последица на војната, САД успеаја да купат големи мексикански територии за тогашни 15 милиони долари (Калифорнија, Аризона, Невада), во 1867 година од Русија ја купија Алјаска за 7,2 милиони долари. А како потврда за тоа колку Вашингтон размислува прагматично и стратегиски можеби најдобро сведочи токму „златниот“ пример од купувањето на Алјаска. Па, така, од 1880 до 2008 година, од Алјаска се ископани дури 390 тони злато.