Зошто Ормутскиот Теснец е исклучително важен?

665

Скорешните напади на двата танкера со нафта во Ормутскиот Теснец разгореа светска дебата за стратешката положба на заливот, како и за неговата клучна улога во светската индустрија со нафта, пренесува „Јуроњуз“.

Теснецот се наоѓа помеѓу Оман и Иран. Го опфаќа Персискиот Залив на североисток и Оманскиот Залив на југ, кој се празни во Арапското Море.

Најтесната точка изнесува 33 километри, со пат широк три километри од секоја страна. Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Саудиска Арабија направија обиди за заобиколување на рутата на проблематичниот залив, градејќи цевководи за нафта.

Овој залив е исклучително важен бидејќи една петтина од нафтата на светско ниво, или 17,4 милиони буриња нафта на ден, поминуваат низ овој залив. Саудиска Арабија, Иран, ОАЕ, Кувајт и Ирак го вршат извозот на нивната сурова нафта преку овој теснец. Катар, најголемиот светскиот извезувач на течен природен гас, исто така ги извезува сите продукти низ овој теснец.

Залив на политичките тензии

САД досега наметнаа санкции на Иран со цел намалување на извозот на нафта, со цел да дадат поддршка на Саудиска Арабија, која е сојузник на САД, а непријател и конкурент на Иран.

Иран одговори дека ќе го затвори теснецот и ќе ги оневозможи сите рути доколку САД се обидат да ја нарушат иранската економија. Петтата флота на САД, со седиште во Бахреин, сега има задача да ги штити рутите на танкерите во заливот.

Инциденти кои се случија во минатото во Ормутскиот Теснец

За време на војната помеѓу Ирак и Иран од 1980 до 1988 година, двете завојувани страни се обидуваа да го нарушат извозот на нафтата на противникот. Конфликтот беше познат како „војна на танкерите“.

Во јули 1988 година, воениот брод „Винсенес“ собори ирански авион со патници, резултирајќи со смртта на 290 луѓе. Вашингтон тврдеше дека се работи за несреќен случај и грешка, а Техран дека нападот бил намерен.

Во јули 2010, јапонскиот танкер „М-Стар“ беше нападнат во заливот од страна на милитантска група позната како Бригадата Абдула Азам, поврзана со Ал-Каеда, која ја презеде одговорноста.

Во јануари 2012 година, Иран се закани дека ќе го блокира теснецот поради санкциите од страна на САД и Европа, поради нивниот обид да го запрат напредувањето на нуклеарната програма на Иран.

Годинава во мај, четири брода, од кои два беа танкери на Саудиска Арабија, беа нападнати во близина на брегот на ОАЕ.

Досега Иран негираше вмешаност во нападите на танкерите, а од Техеран изјавија дека доколку решат да го блокираат теснецот, тоа ќе го сторат јавно.