Земји на ЕУ формираат сили за брза интервенција

85

Девет земји на ЕУ се договорија да формираат европски воени сили што ќе може брзо да се распоредат и да интервенираат при кризи во близината на европските граници. Силите, кои се познати како Европска иницијатива за интервенирање (ЕИИ) и се поддржани од францускиот претседател Емануел Макрон, ќе им овозможат на членките на коалицијата да дејствуваат независно од структурите на НАТО и на ЕУ. Британија ја поддржува иницијативата во обид да ги задржи одбранбените врски со ЕУ и по брегзит.
Писмо на намери во понеделникот во Луксембург потпишаа министрите на Франција, Германија, Белгија, Британија, Данска, Холандија, Естонија, Шпанија и на Португалија, а Италија допрва треба да донесе одлука дали ќе учествува. Потегот првично предизвика загриженост во НАТО, поради преклопувањето на улогите и дистанцирањето на сојузниците од САД, но генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, сепак го поздрави формирањето на силите.