Зелена карта само за богатите

351

Регулативата е фокусирана на стотици илјади имигранти што секоја година легално влегуваат во САД и кои аплицираат да станат американски државјани. Па, така, почнувајќи од октомври, имигрантите ќе бидат изложени на агресивен тест за богатство, врз чија основа ќе биде направена процена за тоа дали имаат доволно средства самите да се издржуваат

Американскиот претседател Доналд Трамп го засили нападот против имиграцискиот систем во земјата, а цел на новата регулатива ќе бидат легалните имигранти што сакаат да останат во САД и што немаат доволно финансиски средства, поради што би биле товар за американскиот буџет. Регулативата е фокусирана на стотици илјади имигранти што секоја година легално влегуваат во САД и кои аплицираат да станат американски државјани. Па, така, почнувајќи од октомври, имигрантите ќе бидат изложени на агресивен тест за богатство, врз чија основа ќе биде направена процена за тоа дали имаат доволно средства самите да се издржуваат. Тоа значи дека на сиромашните имигранти ќе им биде одбиено барањето за постојан легален статус, познат и како зелена карта, ако бидат оценети дека ќе користат некоја од владините програми за социјална помош. Од друга страна, побогатите имигранти ќе можат да добијат зелена карта, пишува „Њујорк тајмс“.

Американските власти тврдат дека програмата нема да се однесува на лицата што веќе поседуваат зелена карта, на одредени припадници на војската, на бегалците или барателите на азил, како и на децата и бремените жени. Сепак, организациите за имигрантски права предупредуваат дека голем број имигранти, вклучувајќи ги и оние што не се опфатени со регулативата, може да се откажат од социјалните програми, поради страв од казна од службата за имиграција.

– Ова е нов суров чекор кон заострување на програмите што имаат цел да им помогнат на луѓето и нивно користење за разделување на семејствата. Со тоа, до имигрантите и малцинските заедници се испраќа порака дека не се добредојдени во САД – истакнува Марилена Хинкапи, извршна директорка на Националниот правен центар за имиграција.
Според неа, тоа ќе има катастрофални хуманитарни последици, принудувајќи некои од семејствата да се откажат од критичното здравствено осигурување и помошта за храна.
– Штетата ќе се чувствува наредните децении – додава Хинкапи.
Со новата регулатива, според „Њујорк тајмс“, им се дава поддршка на лицата што имаат доволно финансиски средства, а се одбиваат имигрантите што едвај врзуваат крај со крај. Сето тоа ќе има влијание врз приливот на имигранти што бараат засолниште во САД, а доаѓаат од сиромашните држави во Африка, Централна Америка и Карибите.

Од друга страна, пак, Кенет Кучинели, директорот на американската Имиграциска служба, тврди дека регулативата ќе ѝ овозможи на Владата да инсистира имигрантите што ќе доаѓаат во земјата да имаат доволно финансиски средства и да не бидат товар за општеството.
– Користа за даночните обврзници е долгорочна, бидејќи ќе се осигуриме дека нашиот имиграциски систем прима луѓе да ни се придружат како американски граѓани, прво со легален постојан престој, кои може самите да се грижат за себе, и кои нема да зависат од системот за социјална заштита, што во ерата на модерната држава на добросостојба е премногу скапо – истакнува Кучинели.

Во согласност со новото правило, финансиската состојба на имигрантите, кои со привремени визи се легално во САД, построго ќе се проверува кога ќе аплицираат за зелена карта. Имиграциските власти ќе ги земаат предвид возраста на имигрантите, здравјето, семејниот статус, имотот, финансискиот статус и образованието. Но властите ќе имаат широка слобода да одлучуваат дали имигрантот ќе биде корисник на социјалната помош, да им ги одбиваат барањата за зелена карта и да ги депортираат.

„Њујорк тајмс“ оценува дека сложената регулатива, која ќе стапи во сила за 60 дена, ќе биде моќна алатка за администрацијата на Трамп за намалување на демографскиот спектар на лица што доаѓаат да живеат и да работат во земјата. Тоа значи дека САД сакаат имигранти што можат самите да се издржуваат, а не оние што зависат до американскиот буџет. Па, така, барателот што зборува англиски јазик, што ќе приложи формални писма за поддршка и има приватно здравствено осигурување има поголеми шанси да добие зелена карта од лицата чија финансиска состојба сугерира дека тие во иднина најверојатно ќе користат некоја од социјалните програми. Администрацијата на Трамп се надева дека со текот на времето оваа строга политика ќе го измени американскиот имиграциски систем, фаворизирајќи ги побогатите имигранти.

Но организациите за имигрантски права гневно реагираа на новата регулатива, опишувајќи ја како сурова политика што веќе ги принудува имигрантите во земјата да се откажуваат од помошта за здравство и домување, бидејќи стравуваат дека нивното користење може негативно да влијае на нивниот имиграциски статус или на членови од нивните семејства.

Нејасно е колку луѓе ќе бидат опфатени со новата регулатива. Американските власти проценуваат дека секоја година над 382.000 имигранти бараат промена на нивниот статус. Според „Њујорк тајмс“, се проценува дека над 324.000 лица во семејства со имигранти ќе се откажат или воопшто нема да се пријават на некои од државните социјални програми. Од друга страна, организациите за имигрантски права тврдат дека бројот на лицата што ќе бидат погодени од регулативата е многу поголем и оти 26 милиони имигранти, кои легално живеат во САД, ќе размислат за користењето на социјална помош, бидејќи стравуваат оти тоа би можело да влијае на нивната можност да останат во САД.


Италија го заострува ставот кон мигрантите, дали Европа ќе тргне по истите чекори?

Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини бара предвремени избори и се противи на можноста земјата да прифаќа спасени мигранти и бегалци. Со тоа, во Европа повторно се разгорува дебатата за тоа кој треба да се грижи за бегалците и мигрантите, кои ги ризикуваат своите животи за да побегнат од војните и насилството во нивните матични држави.Последните податоци покажуваат дека над 500 лица, кои се заглавени на спасувачки бродови во Медитеранот, буквално немаат каде да одат. Италија и Малта одбија да ги примат, а досега ниту една друга европска земја не им понуди засолниште. Според истражувањата, приливот на мигранти во Италија се намалил за речиси 80 отсто во изминатата година.