За само девет месеци во Шведска регистрирани сто експлозии

123

Зад нападите најчесто стојат криминални групи и банди, кои сакаат да ги заплашат своите ривали, како и нивните семејства, пренесува Би-би-си

Шведската полиција се соочува со досега невиден голем број бомбашки напади, кои сѐ почесто се случуваат и во централните градски подрачја. Па, така, само во првите девет месеци од годинава се регистрирани речиси сто експлозии, а во изминатите два месеца антитерористичките единици биле повикани 30 пати. Зад нападите најчесто стојат криминални групи и банди, кои сакаат да ги заплашат своите ривали, како и нивните семејства, пренесува Би-би-си.

Интересно е тоа што, пред 2017 година, оваа категорија на криминал воопшто не ни била регистрирана од шведските власти. Но затоа во 2018 година се регистрирани дури 162 експлозии.

– Експлозиите најчесто се предизвикани од импровизирани експлозивни направи и рачни бомби. Нападите најчесто се извршени од криминални групи. Станува збор за сериозна ситуација, но повеќето луѓе не би требало да бидат загрижени, бидејќи тие нема да имаат влијание врз нив – истакнува Линда Страф, шефица на разузнавањето при шведскиот оддел за национални операции.

Безбедносните служби испратија повеќе тимови да соработуваат со специјалисти за криминал со банди во САД, Германија и во Холандија, а исто така комуницираат и со шведски воени експерти, кои работеле со експлозиви во Африка и во Авганистан.
– Сето ова е многу ново во Шведска, па затоа бараме знаење и искуство низ светот – посочува Матс Ловнинг, шефот на Одделот за национални операции.

Според криминологот Амир Ростами, оваа ситуација е уникатна за земјите што немале многу војни или немаат долга историја на тероризам.
Повеќето напади се случуваат во сиромашните предградија на најголемите градови – Стокхолм, Гетеборг и Малме. На почетокот од месецов, за само 24 часа во Малме беа регистрирани три експлозии. Но изминатиот период сѐ почесто цел на нападите се и побогатите населби. При експлозија пред станбена зграда во Линкопинг неодамна беа повредени 25 лица.

Шведската полиција наведува дека криминалците што стојат зад бомбашките напади се дел од истите банди што се поврзани со порастот на оружениот криминал, а најчесто насилството е поврзано со шверцот на дрога. Полицијата во Шведска не ја објавува етничката припадност на осомничените или осудени криминалци, но Страф истакнува дека многумина од нив имаат сличен профил.
– Тие се израснати во Шведска и потекнуваат од социоекономски слаби групи, социоекономски слаби области, и многумина најверојатно се имигранти од втора или трета генерација – додава Страф.

Идеолошките дебати за имиграцијата се интензивираа откако Шведска прими најголем број азиланти, според бројот на жители, во ЕУ во текот на мигрантската криза во 2015 година. Но Страф наведува дека не е коректно да се сугерира дека новодојденците типично се инволвирани во криминалните мрежи.
Од друга страна, многумина од политичката десница тврдат дека експлозиите само го потврдуваат нивниот став дека Шведска буквално се мачи да ги интегрира мигрантите во изминатите две децении. Ваквото чувство сѐ повеќе е распространето, а националистичката партија Шведски демократи доби 18 отсто од гласовите на изборите во 2018 година.

Би-би-си наведува дека уште еден важен елемент во целата приказна е тоа како шведските медиуми ги покриваат инцидентите со експлозии. По трите експлозии минатиот месец, државната телевизија СВТ беше обвинета за „левичарско премолчување“, откако експлозиите беа изоставени од главната вечерна програма со вести.


Данска повторно воведе контроли на шведската граница

Данска привремено воведе гранични контроли со Шведска и ги зајакна полициските сили по должината на границата, по серијата криминални дела и експлозии околу Копенхаген. Данските власти тврдат дека за тие дела се одговорни криминални групи од Шведска. Контролите на мостот „Оресунд“ помеѓу Копенхаген и Малме, како и на пристаништата, ќе траат шест месеци
Од февруари во Копенхаген се регистрирани 13 експлозии. Тамошните власти веруваат дека за експлозијата пред зградата на даночната управа во Копенхаген во август се одговорни криминалци што ја поминале границата од Шведска.