За ирачката Златна дивизија борбата не престанува

258

Ирачката елитна антитерористичка единица позната како Златната дивизија беше клучна во ослободувањето на ирачките територии под контрола на Исламската држава (ИД), плаќајќи ја победата со животите на безмалку половина од нејзините членови, кои загинаа во битката за Мосул, пишува британски „Индипендент“.

Калифатот денес е победен, но ИД повторно се регрупира, па истото го прави и Златната дивизија, чии напори ќе бидат клучни во спречувањето на новите закани и возобнувањето на озлогласената терористичка организација.

Командирот на Златната дивизија, генерал Талиб Шагати ал-Кинани е задолжен да осигури дека враќањето на ИД нема да се случи. Тој ја оправдува неговата одлука за испраќање на 10 илјади војници во борбата со терористите. 

Елитната единица ги држеше во тајност информациите за загубите, за кои американското министерство за одбрана проценува дека изнесувале 40 отсто од нејзините членови, кои биле повредени или убиени. Одредени аналитичари, пак, сметаат дека загубите изнесуваат до 60 отсто. Загубите на животи се должат на неконвенционалниот начин на војување, бидејќи специјалците ги предводеле офанзивите за ослободување на уточиштата на ИД, наместо да учествуваат во специјализираните акции за кои се обучени од страна на американските воени сили.

Единицата, сепак, успеа повторно да зајакне. На огласот за 1.000 отворени места се пријавиле 312 илјади кандидати, а целта е удвојување на бројноста на единицата, на 20 илјади припадници.

– ИД веројатно има капацитет да заземе голем урбан центар во Ирак или во Сирија, чекајќи погодни политички и безбедносни услови во кои ќе може да изведе ваков потфат. Но мислам дека нема поддршка. Тие се кријат во пустината и не се во можност да постигнат ништо – вели ал Кинани.

Но, Златната дивизија и натаму е на готовс, учествувајќи во операциите за лов на притаените членови на ИД, откако се појавија информации дека борците на терористичката организација влегуваат во Ирак од Сирија.