Затворањето на кинескиот конзулат во Хјустон отвора нов конфликт меѓу ривалските сили

144

Автори: Роби Грамер, Ејми Мекинон

Ова е најновата ескалација во билатералните односи во кои владејат силни тензии

Форин полиси

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп нареди да се затвори кинескиот конзулат во Хјустон минатиот петок, што е значајна дипломатска ескалација меѓу двете ривалски сили. Американски претставници во разговорот со „Форин полиси“ посочија дека затворањето на конзулатот е одговор на напливот на кинеска шпионажа во САД.

Вашингтон нареди затворање на конзулатот „за да ја заштити американската интелектуална сопственост и приватните податоци на Американците“, како што соопшти во средата Морган Ортагус, портпаролката на Стејт департментот. Ортагус не се повика на конкретен инцидент што го предизвикал потегот, но ја обвини Кина дека го нарушила американскиот суверенитет. Затворањето беше најавено откако беше распишано обвинение во федералниот суд во сојузната држава Вашингтон, во кое беше наведено повеќегодишното хакирање и кражба на интелектуална сопственост под директивна на кинеската држава, а жртви биле граѓани на САД и на други држави. Потегот е дел од низата на провокативни чекори кои само дополнително ќе ги влошат американско-кинеските односи.

– САД нема да ја толерираат Народна Република Кина во нарушувањето на нашиот суверенитет и да ги заплашува нашите граѓани, исто како што не ги толериравме нејзините нечесни трговски практики, како кражба на американските работни места и други недолични постапки. Претседателот Трамп инсистира на правичност и реципроцитет во американско-кинеските односи – посочи Ортагус во однос на Народна Република Кина.

Кинеските претставници ветија дека ќе возвратат со што се зголемија шансите дека американскиот конзулат во Кина ќе биде следствено затворен.

– САД имаат далеку повеќе дипломатски мисии и претставници кои работат во Кина, Така што ако САД тргнат по погрешниот пат, тогаш ние одлучно ќе одговориме – порача вчера пред новинарите Ванг Венбин, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи.

Извештаите на „Ројтерс“ покажуваат дека американскиот конзулат во Вухан може да биде затворен како резултат на ова. Како ќе одлучи да возврати, Кина може да одлучи во зависност од тоа како ќе се одвива состојбата, како што смета Лери Фајфер, кој беше началник на генералштабот на ЦИА под раководство на поранешниот директор на ЦИА, Мајкл Хајден.

– Ако не сакаат состојбата да ескалира, тогаш нема да биде лош изборот да падне на градот Вухан. Ако тие го затворат нашето претставништво во Хонгконг или Шангај, тогаш тоа ќе се смета за ескалација – порача Фајфер и истакна дека американските дипломати веќе се повлечени од конзулатот на почетокот од годинава, како резултат на епидемијата на коронавирус.

Американски претставници тврдат дека Кина, како и другите ривалски сили, но и самите САД, ги користи нејзините амбасади и конзулати за шпионажа во сенка на нивната рутинска дипломатска работа.

– Секогаш постои одредена доза на шпионажа која се толерира, но ова укажува дека Кинезите ги пречекорија границите на нормалната шпионажа – истакна Фајфер.

Наредбата на САД за затворање на странските дипломатски мисии е редок дипломатски чекор. Администрацијата на Трамп во 2017 година ѝ нареди на Русија да го затвори својот конзулат во Сан Франциско и исто така беше обвинета за шпионажа токму кога се влошуваа односите меѓу двете држави.

– Ние сме под напад на кинеска шпионажа, а државата традиционално ги користи нејзините конзулати за ширење на пропаганда и на шпионажа. Хјустон е голем град, познат производствен центар за аеронаутика, опрема за нафтени полиња, висока технологија и сè друго што може да биде од интерес за Кина – додаде тој.

Исто така очигледно Кина го користела конзулатот во Хјустон како база за вршење притисок и заплашување на американските енергетски фирми кои имаат проекти во спорните области во Јужнокинеското Море.

– Гледајќи ја поголемата слика, ова многу наликува на Студена војна од 21-от век – посочи Хофман.

Директорот на ФБИ, Кристофер Рај, на почетокот од овој месец предупреди дека кинеската шпионажа била „најголема, долгорочна закана“ по американската економија и национална безбедност во своето обраќање на институтот „Хадсон“ во Вашингтон. Тој нагласи дека Кина користела повеќеаспектен пристап „да стане единствената велесила во светот по секоја цена“ и порача дека ФБИ отвора нови случаи за контраразузнавање во однос на Кина речиси на секои 10 часа.

Највисоката кинеска шпионска агенција, Министерството за државна безбедност, има разузнавачка единица во Калифорнија, најверојатно како дополнителен огранок на конзулатот од Сан Франциско, според истрагата на „Политико“ од 2018 година. Кинеските хакери кои овој месец беа обвинети во Вашингтон соработуваа со кинеското министерство за државна безбедност.

Со тоа што Стејт департментот вчера го соопшти затворањето на конзулатот, локалните власти во Хјустон пријавија пожар во кинескиот конзулат, а сведоци пријавиле дека во објектот се гореле документи во канти за ѓубре, според весникот „Хјустон кроникл“.

САД имаат конзулати во Ченгду, Гвангџоу, Шангај, Шенјанг и Вухан, како и амбасадата во Пекинг.

Превод: Билјана Здравковска