Заробени во хаосот на сириската војна: Ова е како крајот на светот

747

На границата помеѓу Турција и Сирија има бројни приказни за очајот на двете страни, додека околу 900 илјади луѓе бегаат поради воените дејствија

Ситен човек во памучна јакна, со ранец се тресеше од студ, чекајќи да се отвори турската граница со Сирија. Додека стотици илјади Сиријци се обидуваат да избегаат од нивната држава, Јаја Јамал се обидуваше да влезе во Сирија, пишува „Њујорк тајмс“. 

Татко му починал а неговото семејство избегало од дома поради бомбардирањата и спиело на отворено. Тој се враќа во Сирија за да им помогне, по неколкуте месеци поминати во Турција.

– Нема место каде што можам да ги однесам. Невозможно е да се најде безбедно место – кажа Јамал.

Сириските владини сили ја засилија повеќемесечната офанзива врз Идлиб, најголемата провинција која уште е под контрола на опозицијата. Соочени со бомбардирањето околу 900 илјади луѓе, воглавно жени и деца, избегаа од нивните домови уште од декември минатата година. Станува збор за најголемиот егзодус на бегалци во сириската граѓанска војна уште од нејзиниот почеток пред девет години. Повеќето се упатија на север кон турската граница и се наоѓаат на отворено, а Турција испрати донации во храна и облека.

Сириските сили бргу напредуваат од југот и од истокот на Идлиб и веќе стигнаа до градот Ал Атариб, на околу 25 километри од турската граница. Турската војска распореди трупи и оклопни возила за да ги штити приодите кон границата. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара сириските владини сили да се повлечат на претходно договорените позиции, со што во спротивно ќе бидат принудени од страна на турските сили да го сторат тоа.

– Ова е како крајот на светот – вели еден од бегалците меѓу илјадниците сместени во камповите во близина на границата. 

Тие порачуваат дека бројот на бегалци ќе се зголеми додека трае бомбардирањето и се надеваат оти Турција ќе ја отвори границата.