Западот бара одговорност од Русија за уривањето на малезискиот авион над Украина

719

Европската унија, НАТО, како и владите на Холандија и Австралија денеска ја повикаа Русија да преземе одговорност за уривањето на малезискиот патнички авион над источна Украина во јули 2014 година, при што загинаа 298 лица.

Повиците за руска одговорност следуваат откако вчера меѓунардониот истражен тим соопшти дека утврдил оти авионот било погоден со ракета довезена во Украина од Русија.

Европската Унија бара одговорните да се соочат со последиците од своето дело и ги повикува сите земји целосно да соработуваат за утврдување на одговорноста за инцидентот, се наведува во денешното соопштение на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Федерика Могерини.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пак во својата реакција оцени дека уривањето на авионот претставува „светска трагаедија“.

– НАТО во повеќе наврати изрази поддршка на напорите за разјаснување на она што се случило на тој ужасен ден, за да се обезбеди правда за 298-те загинати и нивните блиски, оцени Столтенберг.

Владите на Холандија и Австралија пак изјавија дека ја сметаат Русија за одговорна поради нејзината улога во уривањето на авионот на „Малезија Ерлајнс“ на летот МХ17.

– Холандија и Австрлија ќе побараат одговорност од Русија поради повзраност со уривањето на МХ17. Барањето одговорност од една земја претставува комплексен правен процес, се наведува во соопштение на холандската Влада.

Шефот на холандската дипломатија Стеф Блок соопшти Хаг и Канбера веќе ја информирале Москва за својата намера.

– Треба да биде утврдена вистината за трегаедијата. Холандија и Австралија денеска побараа од Русија да започне дијалог за се најде решение, кое ќе претставува сатисфакција за огромните страдања и штети од уривањето на летот МХ17. За ова прашање, Холандија има поддршка од меѓународната заедница, изјави Блок.

Меѓунардониот истражен тим за уривањето на малезискиот патнички авион, вчера соопшти дека утврдил оти леталото било погодено со руска ракета.

– По внимателна анализа на видео снимките утврдено е дека ракетата „Бук“ со која беше урнат авионот на „Малезија Ерлајнс“ на летот МХ17 и припаѓала на руска воена единица стационирана во Русија, изјави претставникот на холандската полиција Вилберт Паулисен.

Според него, ракетата била дел од вооружувањето на руската 53-та Противвоздушна ракетна бригада стационирана во близина на градот Курск.

На денешната презентација на прелиминарниот извештај на истражниот тим беше емитуван и филм, на кој според истражителите, е прикажан патот на ракетата од Курск до источна Украина.

Холандскиот обвинител Фред Вестербеке од своја страна изјави дека иако има суштински напредок во истрагата, се уште не може со сигурност да се каже кој и зошто го урнал авионот.

– Во врска со случајот се осомничени неколку десетици лица, додаде Вестербеке,

Авионот на „Малезија Ерлајнс“ на реалција од Амстердам до Куала Лумпур беше соборен со ракета над источна Украина на 17 јули 2014 година, при што загинаа сите 298 патници и членови на екипажот на леталото.

За уривањето на авионот меѓусебно се обвинуваат укранската армија и проруските сепаратисти од источна Украина.