Заминувањето на последниот лидер од „розовата плима“ ја разбранува Латинска Америка

562

Оставката на боливискиот претседател Ево Моралес, последниот од лидерите од „розовата плима“ која ја зафати Латинска Америка пред две децении, вчера ги поларизираше владите низ целиот регион, пришто претседателите од Венецуела до Аргентина го осудија „државниот удар“, а други, пак, го слават неговото заминување, пишува „Ројтерс“.

„Розова плима“ е термин со кој се опишува револуционерниот бран и насочувањето на латиноамериканските држави кон левичарските влади, со отстапување од неолибералниот економски модел. Бразил, Аргентина, Чиле, Мексико, Венецуела и Боливија се дел од државите што го прифатија ваквиот идеолошки тренд. Државите од „розовата плима“ се сметаа за антиамерикански, автократски и популистички од страна на Западот.

Моралес, првиот домороден лидер во Боливија, стави крај на своето 14-годишно владеење, откако сојузниците го напуштија по неколкунеделните протести поради спорните избори од 20 октомври во нацијата на Андите. Боливиската војска и клучните политички поддржувачи вчера го повикаа да се повлече.

Десничарски ориентираните влади во Латинска Америка, меѓу кои властите во Колумбија и во Перу, ја повикаа боливиската држава да се осигури дека новите избори ќе бидат законски. Бразил, под водство на екстремно десничарскиот националист Жаир Болсонаро, дури го поздрави падот на Моралес.

Во меѓувреме, претседател на Венецуела, Николас Мадуро, чиј социјалистички претходник Уго Чавез повремено беше ментор на Моралес, ги повика сојузниците да се мобилизираат во знак на поддршка на Моралес.

– Мораме да се погрижиме за нашиот брат Ево Моралес. Ние мора да прогласиме солидарност за да го заштитиме – изјави Мадуро.

Позицијата на Мадуро беше зацврстена со враќањето на лидерите на левицата во Мексико и Аргентина. Но оставката на Моралес може да ја разниша позицијата на венецуелскиот лидер, кој дојде на власт годинава и покрај опозициската кампања за убедување на вооружените сили да започнат бунт.

Моралес вчера се согласи да се одржат нови избори, откако извештајот на Организацијата на американските држави, која спроведе ревизија на гласањето на 20 октомври, откри сериозни нерегуларности во гласачкото ливче.

Во извештајот на Организацијата на американските држави се вели дека гласањето во октомври треба да биде поништено откако во истиот биле детектирани „јасни манипулации“ на системот за гласање кои ја доведуваат во прашање победата на Моралес, со предност од нешто повеќе од 10 поени во однос на главниот ривал Карлос Меса.

– Обидот за голема измама го делегитимизира Ево Моралес, кој имаше правилен став и си даде оставка. Бразил ќе поддржи демократска и уставна транзиција – напиша на Твитер бразилскиот министер за надворешни работи, Ернесто Араужо.

С.Ку.