Залуден невообичаениот обид за бегство од затвор во Бразил

361

Дилер на дрога во Бразил беше откриен при обид за бегство од затвор, откако се обидел да ги измами стражарите преправајќи се во неговата 19-годишна ќерка, објави Би-би-си.

Затворските служби во Рио де Жанеиро објавија видео на кое може да се забележи затвореникот кој носи перика, силиконска маска и тесна маичка. Полицијата во Бразил откри дека ќерката на затвореникот би можела да се соочи со обвинение дека помогнала при обидот за бегство.

Според информациите, 19-годишната девојка дошла во затворот Бангу 3 да го посети нејзиниот татко Клаувино да Силва, каде тој служи казна затвор во времетраење од 73 години и 10 месеци.

Надлежните велат дека планот на Силва бил да ја остави ќерка си во затворот, додека тој имитирајќи ја, би се обидел да го напушти затворот. Сепак, тој не успеал да ги измами службите и откако бил фотографиран и снимен, бил вратен во неговата ќелија.

Ова не е првиот обид за бегство од затвор на Силва, дознава Би-би-си. Во 2013 година, тој бил во група со уште 31 затвореник кои успеале да избегаат од затвор во Герисино преку канализацискиот систем, но брзо потоа биле повторно вратени во установата.

Официјалните лица во Бразил сега објавија дека Силва ќе биде пренесен во затвор со највисоко нивно на заштита, за да се ограничи можноста за нови обиди за бегство.