Залагањето за бегалците ги доведува германските политичари во опасност

61

Неколку германски политичари кои јавно застанаа во одбрана на бегалците, примиле смртни закани по наводното политички мотивирано убиство на еден од партиските сојузници на Ангела Меркел, пренесува „Гардијан“.

Меилот испратен до политичарите и медиумите низ целата држава, завчера вечерта, предупреди дека наводното убиство на политичарот на Христијанско-демократската унија, Волтер Лубки, од страна на човек поврзан со екстремната десница, било прво во низата на „претстојните чистки“ и повика на терористички напади врз политичарите на левицата, бегалците и врз Евреите во Германија.

Градоначалничката на Келн, Хенриет Рекер, за малку ја избегна смртта во 2015 година, кога беше нападната со ловечки нож од страна на десничарски екстремист кој се изјаснил дека сака да испрати порака против владиниот курс во врска со прашањето за бегалците.

Градоначалникот на Алтена, Андреас Холштајн, беше прободен во вратот во 2017 година од страна на маж кој гласно ја критикувал неговата либерална политика за азил во градот.

Двајцата градоначалници потврдија дека добиле смртни закани неделава.

Мејловите со смртни закани кои беа испратени неделава беа потпишани со истиот псевдоним кој беше користен во илјадници мејлови со смртни закани упатени до новинари, адвокати, политичари и државни службеници во декември минатата година.