Закерберг се извини пред пратениците во Европскиот парламент

611

Извршниот директор на Фејсбук Марк Закерберг денеска се извини пред пратениците во Европскиот парламент поради масовното протекување податоци на корисниците на овааа социјална мрежа и призна дека компанијата не направила доволно за да спречи злоупотреби на платформата.

Обраќајќи им се лидерите на парламентарните групи во Европскиот парламент во Брисел, Закерберг укажа на важноста на Фејсбук за Европејците и нагласи дека му е жал затоа што не направил доволно за да спречи злоупотреба на платформата.

– Без разлика дали станува збор за лажни вести, странско мешање во избори или програмери кои ги злоупотребуваат податоците на луѓето, не заземавме доволно јасен и сеопфатен став за нашите одговорности. Тоа беше грешка и жал ми е поради тоа, рече Закерберг во воведното обраќање.

Тој додаде дека во изминатите неколку години станало јасно дека Фејсбук не направил доволно за да спречи алатките, кои ги направила компанијата, да не им нанесуваат штета на корисниците.

Закерберг ја нагласи посветеноста на Фејсбук кон Ервопа, каде, како што најави, компанијата до крајот на годинава ќе вработи 10.000 луѓе.

– Длабоко веруваме во она што го работиме. И кога ќе ги решиме овие предизвици, знам дека ќе се свртиме и ќе гледаме на тоа како им помагаме на луѓето да се поврзат и како им даваме глас на луѓето како на позитивна сила, овде во Европа и ширум светот, рече тој.

Закерберг додаде дека инвестициите во безбедноста значајно би влијаеле на профитабилноста на Фејсбук, но нагласи дека безбедноста на луѓето секогаш ќе биде поважна од „максимализирањето на профитот“.

Извршниот директор на Фејсбук денеска пред пратениците во ЕП одговара на прашања за скандалот во врска со продажбата на податоци на корисниците на социјалната мрежа на агенцијата „Кембриџ аналитика“ и влијанието на тој скандал врз околу 2,7 милиони граѓани на Европската унија.