Закерберг не отстапува од неговата одлука наспроти незадоволството на вработените

144

По вчерашната телефонска расправија со вработените, извршниот директор на „Фејсбук“ Марк Закерберг одби да го промени ставот кој досега го бранеше, според кој му дозволи на американскиот претседател Доналд Трамп да ги задржи објавите во кои тој, наводно, „воспева насилство“ на неговата платформа, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Додека траат протестите против полициската бруталност во САД, „Фејсбук“ се соочи со внатрешни немири и раздор. Несогласувањата беа разгорени од објава на Трамп во која пишува „Кога ќе почне крадењето, ќе почне и пукањето“, фраза користена од одреден шеф на полицијата за време на немирите за граѓански права во 1960-тите.

Трамп ја објави истата фраза на Твитер, чие раководство ја препозна како поттик за насилство, по што беше закачена предупредувачка ознака на објавата. Но, Закерберг тврди дека оваа објава не ги крши правилата на Фејсбук. 

Вработените во „Фејсбук“ одговорија со тоа што го направија најголемиот протест во 16-годишната историја на компанијата, со изразување на нивната поддршка за протестите, а 400 вработени одбија да работат во понеделникот. Еден од вработените даде отказ, со образложение дека „компанијата е на погрешната страна на историјата“. 

На вчерашниот состанок вработените постојано го предизвикуваа Закерберг за политиките на компанијата и за тоа што е дозволено на социјалната мрежа. Само еден вработен за „Бизнис инсајдер“ изјави дека верува во одлуката на Закерберг која е технички точна, со оглед на постојната политика, но предизвика загриженост за самите политики на компанијата.

– Мислам дека постои морален императив за да започнеме да влегуваме во калливите води на влијанијата и намерите, но јас разбирам зошто тие постапија така. Но, се сомневам дека овој начин е крајно одржлив – изјави вработениот кој го поддржа Закерберг.

Во петокот, Закерберг во објава на Фејсбук напиша дека имал „негативна реакција“ на објавата на Трамп, но не сметал дека тоа значи дека таа поттикнува насилство. Закерберг разговараше со Трамп за објавите пред да даде официјална изјава.