Завршува трката за наследник на Тереза Меј

59
Борис Џонсон

БРИТАНСКИТЕ КОНЗЕРВАТИВЦИ ИЗБИРААТ НОВ ЛИДЕР И НОВ ПРЕМИЕР

Најголем фаворит за нов британски премиер е бившиот шеф на дипломатијата Борис Џонсон, а со оглед на фактот дека тој оди директно во судир и со ЕУ и со британскиот парламент околу процесот на брегзит, Британија би можела да западне во голема политичка криза, рецесија, нови парламентарни избори, референдум или, пак, истовремена комбинација на повеќе од овие опции

Британија конечно ќе добие нов премиер по денешното внатрепартиско гласање во владејачката Конзервативна партија, која ќе го избира наследникот на Тереза Меј. Главната битка за лидерското место во партијата, но и во Владата, се води помеѓу актуелниот шеф на дипломатијата Џереми Хант и некогашниот министер за надворешни работи Борис Џонсон, кој важи за фаворит. Резултатите од гласањето ќе бидат познати дури утре, а Британија ја очекува турбулентен политички период, пренесуваат светските медиуми.

Нешто повеќе од три месеци откако ториевците ќе донесат одлука кој ќе ја наследи Меј на чело на партијата и на Владата, Британија на 31 октомври и официјално би требало да ја напушти Европската Унија, во согласност со референдумот за брегзит од 2016 година. „Асошиејтед прес“ наведува дека со оглед на фактот дека новиот британски лидер, при што не го споменува името на Џонсон, оди директно во судир и со ЕУ и со британскиот парламент околу процесот на брегзит, Британија би можела да западне во голема политичка криза, рецесија, нови парламентарни избори, референдум или, пак, истовремена комбинација на повеќе од овие опции. Британските експерти сметаат дека земјата ја очекува многу неизвесен период.
– Тоа е многу неизвесна ситуација. Буквално сѐ е возможно – истакнува Ник Рајт, експерт за политика на ЕУ при Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Британскиот министер за правда, Дејвид Гок, изјави дека в среда ќе поднесе оставка доколку Џонсон победи на внатрепартиските избори во Конзервативната партија и стане нов премиер.

– Нема да можам да продолжам со работата во Владата под раководство на Џонсон, бившиот шеф на дипломатијата, доколку тој инсистира на брегзит без постигнување на договор со ЕУ – истакна Гок, кој стана министер за правда во јуни 2016 година, кога и Меј стана претседателка на Владата. Таквиот чекор на Лондон, според него, неизбежно ќе доведе до национално понижување и голема политичка криза во земјата
– Со оглед на фактот дека бев во кабинетот кога Тереза Меј дојде на власт, сметам дека би било соодветно да поднесам оставка исто како и таа – додаде Гок.
Истовремено, и актуелниот министер за финансии Филип Хамонд порача дека ќе поднесе оставка ако Борис Џонсон стане нов шеф на Владата, споделувајќи го истиот став со колегата Гак дека не може да му служи на премиер што бара брегзит без договор.

– Да претпоставиме дека Борис Џонсон ќе стане нов премиер, а колку што разбирам неговите услови за служење во неговата влада ќе вклучуваат прифаќање брегзит без договор на 31 октомври и тоа е нешто што никогаш не би можел да го поддржам. Многу е важно премиерот да има министер за финансии со кого се на иста линија во однос на политиката, затоа планирам да поднесам оставка пред Тереза Меј, пред таа и самата в среда да ја достави нејзината оставка – наведува Хамонд во интервјуто за Би-би-си.
Хамонд истовремено ги отфрли шпекулациите дека тој ќе биде фокус на постојан бунт против Борис Џонсон, истакнувајќи дека негова единствена цел е да ја спречи владата на Џонсон да го спроведе брегзит без договор без експлицитна согласност на пратениците во парламентот.