Забавеното движење на Европската Унија

61

Недостигот од вистинско финансиско и економско заедништво во Европската Унија е во средиштето на најновите длабоки експертски анализи за ситуацијата во ЕУ, сликовито изразена преку примерот на Италија. Меѓутоа, таа појава засега реално се избегнува како тема на поширока институционална критичка дискусија. Колку ЕУ ги турка сериозните проблеми под тепих и какви последици ќе претрпи наскоро?

Недостигот од вистинско финансиско и економско заедништво во Европската Унија е во средиштето на најновите длабоки експертски анализи за ситуацијата во ЕУ, сликовито изразена преку примерот на Италија. Меѓутоа, таа појава засега реално се избегнува како тема на поширока институционална критичка дискусија. Колку ЕУ ги турка сериозните проблеми под тепих и какви последици ќе претрпи наскоро? Во врска со ова, во европската јавност и во повеќе медиуми се појави цитат од висок неименуван експерт од финансиската сфера, кој буквално искоментира: „Нашите основачи избегнуваа да го решат проблемот со економското ропство, кое, пак, доведе до граѓанска војна што речиси ја растури заедницата. Европските основачи го одложија проблемот со консолидација на долговите за некоја далечна иднина, па сега ЕУ е во монетарна граѓанска војна, која може да предизвика фатален удар за ЕУ и крај на еврото. Политичарите ќе најдат жртвен јарец во Италијанците и банкарите, но вината лежи во политичката номенклатура“.

Како што се истакнува во весникот „Институшнл риск аналист“, САД пред повеќе од еден век воспоставија централизиран клиринг-систем за финансиски трансфери. Ова најпрвин ги вклучуваше приватните клириншки куќи во сите градови за време на 19 век, а од 1913 година постои и Федералниот систем на резерви. Со тоа ѝ се овозможи на американската економија еден беспрекорен начин за исплата од еден регион во друг. „Ете зошто во старите времиња постоеја банкноти од 10.000 долари – за да се олесни клирингот“, забележува поранешниот советник за федерални резерви и истражувач, Вокер Тод. Од друга страна, немањето централен механизам за клиринг е добар илустратор за некомплетноста на ЕУ. Со текот на времето, најмоќните земји-членки го проширија своето давање непланирани кредити на остатокот од европскиот систем, особено на банкарските системи на најслабите членки во Унијата. Само како пример, германските и француските банки ја финансираат циркулацијата на наплаќање во рамките на ЕУ за јужните европски држави -Италија, Шпанија и Грција – во висина од околу 1 трилион долари дневно.

Тоа значи дека, во политичка и финансиска смисла, нациите како италијанската може значително да ги ослабат банките на северноевропските земји. Оттаму, кога италијанската лево-десничарска коалициска влада бара простување на долгот, германската канцеларка Ангела Меркел нема некој голем избор. Излезот на Италија од еврозоната би предизвикал сериозна штета во банките низ цела Европа, но еднакво неприфатливо е да ѝ се дозволи на четвртата по големина економија во Европа да се расфрла со политички испади. Пред две децении, во време на создавањето на ЕУ во Мастрихт, не се направи никаква одредба за периодичен клиринг помеѓу земјите-членки, бидејќи креаторите на еврото уште на почетокот го избегнаа политички комплицираното прашање за воведување должничко заедништво.

Со поддршка на трговската и на економската заедница, посилните земји на ЕУ како Германија, Франција и Велика Британија веќе го дадоа својот кредитен придонес за земјите од јужна Европа. Финансиската слеаност е суштински готова, иако до овој момент не е политички признаена од страна на Меркел и Макрон. Двигател на последната фаза од фактичкиот финансиски аншлус (ова е асоцијација за анексијата на Австрија од страна на нацистичка Германија во 1939 година), за да биде иронијата поголема, беше откупувањето долгови од страна на шефот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги. Со откупување огромни износи на јавен и приватен долг, ЕЦБ, американското Биро за федерални резерви и Народната банка на Јапонија ја отворија Пандорината кутија во поглед на простувањето на долгот од јавниот сектор. На пример, во првата верзија на платформата на италијанската лево-десничарска владина коалиција M5С-Лига, се бараше од Европската централна банка да го прости владиниот долг кон кредиторите.

Сепак, постојат и други закани. Ако Италија продолжи со реализација на планот на режимските власти, да издаде нова форма на носителски обврзници како паралелна валута, тогаш деновите на Рим во рамките на еврозоната се веројатно одброени. ЗА да спречи еден ваков радикален потег, остатокот од ЕУ речиси со сигурност ќе биде присилен на некакво фискално приспособување за Италија. На изглед случајно, францускиот претседател Емануел Макрон предложи создавање „европски монетарен фонд“, за да ѝ се овозможи на Европа да го потврди својот „економски суверенитет“. И не е никакво изненадување што германската канцеларка Меркел ја поддржува идејата за „европски монетарен фонд“, под услов националните влади да имаат „доволен надзор“. Ова значи дека Италија би морала да се согласи со условите на ММФ во врска со економските реформи и за возврат да го отплаќа секој нареден кредит во траење од 30 години. Во случај Италијанците да не успеат да се договорат со Меркел, тогаш нивната алтернатива ќе бидат нови радикални мерки за зголемување на трошоците и најверојатно нови парламентарни избори.

Во врска со финансиската помош за Италија, Меркел рече дека кохезијата меѓу земјите-членки на ЕУ е многу важна, но сепак, „солидарноста помеѓу европските партнери не би требало никогаш да води кон соединување долгови, туку дека таа мора да им помогне на другите да си помогнат на самите себеси“. Германската канцеларка го изјави ова кога беше запрашана за еден медиумски извештај, во кој се вели дека италијанското движење „Пет ѕвезди“ и крајно десничарската „Лига“ планираат од Европската централна банка да побараат да „прости“ 250 милијарди евра од италијанскиот долг. Ова во суштина значи дека Меркел мора „да даде виза“ за уште повеќе субвенции и задолжувања за Италија, задолжувања што веќе се потпомагани од страна на сите ЕУ-членки, кои во меѓувреме гласно протестираат против воведување „должничка заедница“.

Евроскептичната партија Алтернатива за Германија веќе почна со нападите врз Меркел, велејќи дека „ги турка даночните обврзници во Германија да ја преземат обврската за долговите на други земји“. Сепак, идејата на Макрон е токму тоа – да го претворат фондот за спас на Европскиот механизам за стабилност во европски монетарен фонд, кој би имал овластување да им дава краткорочни кредитни линии на членките погодени од должнички проблеми. Во меѓувреме растат каматните стапки и времето за Италија истекува. Нобеловиот лауреат Мајкл Спенс од Универзитетот во Њујорк напиша: „За разлика од повеќето земји во еврозоната, италијанскиот номинален раст е премногу слаб за да реализира некое позначајно раздолжување, дури и со денешните ниски каматни стапки.

Ако работите останат вакви, зголемувањето на номиналните каматни стапки ќе продуцира зголемување на должничките односи и дополнително ќе го ограничи фискалниот простор на Владата, а ќе има и неповолни индиректни ефекти врз растот и вработувањата. Освен тоа, за разлика од поголемиот дел од остатокот од Европа, реалниот италијански БДП по жител останува многу далеку под неговиот врв од 2007 година (пред кризата). Сето ова укажува дека обновата на растот останува клучен предизвик за Италија“. Навистина, фактот што италијанската влада М5С-Лига сакаше да го постави на маса пред Европската централна банка простувањето на долговите во стилот на Аргентина, зборува многу за реалната фискална ситуација во Италија и низ цела јужна Европа. Помина само една година од спасувачката мисија во висина од 6 милијарди долари за банката Монте ди Паски ди Сиена, како дел од севкупната финансиска помош во вредност од 20 милијарди долари за италијанските банки, се разбира, со „благослов“ од ЕУ. Но сега се чини дека и самата држава Италија би можела да побара финансиска помош, барајќи од Европа да направи уште еден исклучок од своите фискални правила.

Од сево ова произлегува дека забавената фузија на ЕУ веќе сериозно мора да почне. Инаку ќе има несогледливи последици. „Продажбата“ на гореспоменатата реалност кај гласачите во Италија можеби и ќе помине, но надвор од Италија, на пример во Германија и во Франција, тешко… А ако не помине таму, ЕУ ќе се соочи со сосема поинаква реалност од сегашната.