Жртвата на силување судена двапати поради чедоморство дочека слобода

816

Контроверзното судење во Ел Салвадор го привлече вниманието на светот

Жртвата на силување која се соочи со 40-годишна затворска казна откако роди мртвороденче е ослободена на повторното судење во Ел Салвадор, објави „Индипендент“.

Евелин Хернандез (21) беше осудена на долгогодишна затворска казна за намерно прекинување на бременоста и убиство на плодот од суд во централноамериканската земја Ел Салвадор во јули 2017 година, земја која има многу строги закони за абортус.

Хернандез забремени откако беше силувана од член на банда кога имаше 18 години. Таа во текот на целото судење тврдеше дека не била свесна оти била бремена, по нападот.

Откако и се слошило во близина на нејзиниот дом во април 2016 година, нејзината мајка ја пренела во болница, каде докторите констатирале дека Хернандез се породила. Тело на бебе подоцна беше пронајдено во септичка јама во нејзиниот дом, по што тинејџерката беше уапсена.

Откако беше кривично гонета во јули 2017 годна, таа отслужи 33 месеци во затвор. Но, сега судија ја поништи нејзината казна поради недостаток на докази и таа е прогласена за невина.

– Да знаев дека сум бремена ќе го родев бебето со радост. Фала му на бога, правдата е задоволена. Им благодарам на сите што ме поддржуваа, како и на сите ширум светот што ми искажаа поддршка. Тешко беше да се биде затворен, особено кога сте невин. Има и други кои уште се затворени и се надевам дека ќе бидат ослободени наскоро – кажа Хернандез по дознавање на пресудата.

Ел Салвадор има целосна забрана за абортус од 1998 година, вклучувајќи и случаи на силување или инцест. Повеќе од 20 жени моментно служат затвроски казни за убиство, убиство со умисла и чедоморство, откако се обвинети дека извршиле абортус, според податоците на Центарот за еднаквост на жените во земјата.