Жителите на Џенова оддадоа почит на загинатите во падот на мостот „Моранди“

41

Стотици луѓе, меѓу кои и градоначалникот на Џенова, Марко Бучи и италијанскиот премиер Џузепе Конте, денеска, на првата годишнина од рушењето на мостот „Моранди“, се собраа во близина на локацијата за да им оддадат почит на сите оние кои загинаа или беа повредени.

Минатиот август, 43 лица загинаа откако дел од мостот се сруши и повеќе автомобили кои се движеа по него паднаа од висина од 45 метри. Исто така, повредени беа 29 лица, а беа уништени домовите на повеќе од 600 луѓе кои живеат под мостот.

Мостот, кој беше пуштен во употреба во 1967 година, беше срушен во јуни во голема контролирана експлозија, но истрагата за рушењето на мостот продолжува.

Минатиот месец италијанската финансиска полиција заплени документи од „Атлантија“, која е матична компанија на одговорната за одржување на мостот, „Аутострада пер ла Италија“, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Весникот објави дека „Атлантија“ побарала да се отворат „вонредни“ истраги за стабилноста на мостот секоја година, освен во 2009 и 2017 година, во десетте години пред падот.

Компанијата соопшти дека потрошила 9 милиони евра за одржување на мостот во периодот од 2015 и 2018 година.

Коалициската влада на популистичката партија Пет Sвезди и десничарската партија Лега предложија одземање на лиценцата на „Аутострада пер ла Италија“ за работа на владини договори во Италија.

Двете компании се оградуваат од одговорност, велејќи дека извештаите не покажале никаква потреба од итно одржување на мостот.

Падот на мостот е еден од најголемите инфраструктурни инциденти во земјата, а според Паоло Клементе, директор за изтражување во италијанската Национална агенција за нови технологии, енергија и одржлив економски развој, и други мостови во земјата се во ризик.