Жената што го обвини Трамп за сексуален напад претстави нови докази

298

Самер Зервос, поранешна натпреварувачка во телевизиското реално шоу „Апрентис“,  на американскиот претседател Доналд Трамп, денеска претстави доказ пред судот со кој, наводно, ги поткрепува нејзините тврдења дека претседателот сексуално ја нападнал во хотелска соба во 2007 година, пренесуваат светските медиуми.

Таа е една од неколкуте жени кои за време на претседателската кампања на Трамп за изборите во 2016 година, јавно го обвинија за сексуално малтретирање.

Трамп ги негираше сите обвинувања против него, и спротивно на тврдењето на Зервос дека ја нападнал во хотелска соба во 2007 година, тој изјави дека никогаш не ја сретнал Зервос во хотел.

Трамп безуспешно се обидел да го спречи напредувањето на судскиот случај кој би можел да заврши на суд следната година.

Судските документи поднесени денеска, наводно, содржат докази за кои Зервос рече дека ќе го потврдат нејзиниот исказ за средбата со Трамп.

Во документите се наоѓаат мејлови со секретарката на Трамп, Рона Граф, во врска со средбата и записите во календарот, во кои се забележува престој на Трамп во хотелот „Беверли Хилс“ во декември 2007 година. Адвокатката на Зервос, Меријан Венг, пред судот изјави дека информациите се поклопуваат со деталниот исказ на Зервос со голема прецизност. Таа додаде дека документите содржат и други информации чии детали се совпаѓаат со исказот, но сѐ уште не можат да бидат откриени.

Во меморандумот на судот се наведува дека Зевос, во врска со нападот, се обратила на повеќе адвокати уште во 2011 година.