Желбата за подобар живот ги направи модерни робови

218

Членови на банда кои стојат зад најголемата криминална мрежа која злоупотребувала луѓе и ги третирала како робови во Белика Британија денес ги добија своите затворски казни, пренесува Би-би-си.

Полицијата верува дека повеќе од 400 жртви биле вклучени во мрежата и злоупотребувани како работници од организираното криминално здружение кое делувало во Западен Мидлендс, Англија.

Криминалната група измамувала ранливи лица од Полска, нудејќи им работа во Англија и подобар животен стандард. Но, жртвите биле принудувани да живеат куќи полни со стаорци, работејќи на тешки и макотрпни места.

Мрежата беше разоткриена кога две жртви успеаја да избегаат на нивните киднапери во 2015 година и да ја раскажат својата приказна на хуманитарната организација „Надеж за правда“.

Групата од пет мажи и три жени целеле на луѓе кои живеат на маргините во нивната татковина Полска, најчесто бездомници, поранешни затвореници и алкохоличари. Тие биле транспортирани во Британија со автобус, а потоа биле распоредувани во куќи со очајни услови на различни локации во земјата.

Криминалците ги принудувале лицата да отвораат сметки во банка врз кои имале целосна контрола, а потоа ги вработувале во центри за рециклажа, на фарми и во фабрики за месна индустрија. Групата го задржувала поголемиот дел од нивната заработка, а се проценува дека модерните робови добивале само 20 фунти неделно.

Според Би-би-си, организаторите на мрежата заработиле повеќе од 2 милиони фунти во периодот од јуни 2012 до октомври 2017 година, пари со кои потоа живееле многу раскошен живот.