ЕУ ја чуваат над 1,6 милион полицајци

32

Вкупниот број полициски службеници во Европската Унија во 2017 година достигнал 1.643.000 лица, што претставува намалување речиси за три проценти во споредба со 2010 година, покажува анализата на европската статистичка агенција Евростат.
Покрај тоа, значително се зголемил и бројот на жени полицајци, а нивниот удел достигнал 21 процент во 2017 година, или приближно околу 350.000 дами во полициска униформа. Во 2010 година, нивниот број бил околу 270.000, или 17 отсто од вкупниот број полицајци во ЕУ.

Во анализата е наведено дека постојат доста големи диспропорции во земјите на ЕУ по бројот на чуварите на редот. Просекот на ЕУ е 318 полицајци на 100.000 жители или еден полицаец на 314 жители. Највисок удел на полицајци на 100.000 жители е забележан во Кипар – 573, Малта – 505, Грција – 492, Хрватска – 490 и Летонија – 450. Најмалку полицајци на 100.000 луѓе, пак, се регистрирани во Унгарија – само 90, Финска – 140, Данска – 180 и Шведска – 200.

Што се однесува на државите на нашиот регион, бројот на полициските службеници е следен: во Романија 52.000, или 260 полицајци на 100.000 лица; во Грција – исто 52.000, или 492 на 100 илјади; Србија – 42.000 полицајци, или 620 на 100.000; Македонија – 10.000, или 522 полицајци на 100.000; Турција – 380.000 полицајци, или 510 на 100.000; и во Бугарија – 23.000 полицајци, или 335 на 100.000 жители.