ЕУ станува нуклеарна сила?

280

Францускиот претседател Макрон предлага ЕУ со помош на францускиот нуклеарен арсенал да стане светска нуклеарна сила, која ќе може на глобално ниво да се натпреварува со другите нуклеарни играчи, САД, Русија и Кина

Францускиот претседател Емануел Макрон ја претстави својата нова нуклеарна стратегија за ЕУ, според која францускиот нуклеарен арсенал треба да се „европеизира“ односно да се искористи за стратегиските интереси на целата ЕУ.
По долгогодишно застапување на ставот за заедничка европска одбрана и за оддалечување од НАТО, Макрон неодамна отиде чекор подалеку и во говор го повтори својот предлог за создавање „вистинска европска армија“ надвор од структурите на НАТО, како и предлогот за нова нуклеарна стратегија за ЕУ. Според него, ЕУ би требало да стане нуклеарна сила врз основа на француската нуклеарна моќ и така би се натпреварувала со САД, Русија и Кина и би се позиционирала како геополитичка сила.

Сепак, Макрон не планира да ги предаде клучевите од францускиот нуклеарен арсенал во други раце, туку сака тој во иднина да служи како одбрана за целата ЕУ, посочува „Геополитика“.
Корентин Брустлин, директор на Центарот за безбедносни студии при Институтот за меѓународни односи во Париз, гледа два проблема во предлогот на Макрон. Според него, францускиот арсенал едноставно не е доволно голем за да функционира како кредибилен нуклеарен чадор што би ја штител цела ЕУ. Од друга страна, Макрон би требало да процени колку ваквите предлози може да им наштетат на односите со неговите европски партнери, бидејќи Германија, на пример, има сосема поинакво размислување за нуклеарното оружје. Повеќето Германци сѐ уште имаат аверзија кон нуклеарното оружје.
Нуклеарната иницијатива на Макрон, која би требало да ја претвори ЕУ во нуклеарна сила, целосно се вклопува во стратегијата на новата Европска комисија, поддржана од Европскиот парламент. Издигнувањето на ЕУ во геополитички играч се смета за единствен начин да се преживее во свет во кој доминираат силите што можат да ги остваруваат интересите на светско ниво.

Франција и Германија, во изминатите години, а особено откако е активирана новата стратегија на американската администрација на Доналд Трамп, се обидоа постепено да ја претворат ЕУ во глобална сила. Таа полека се претвора во наднационален мегадржавен ентитет, со сите атрибути на мека и тврда моќ, кои инаку се инструменти на националните држави. За да може да ги оствари новите стратегиски цели на меѓународно ниво, таа треба да има економска моќ, но и ефективна воена моќ со нуклеарен потенцијал. Ова, за жал, е сосема точна констатација, имајќи предвид дека сите клучни играчи во светот се нуклеарни сили. Едноставно, невозможно е да се има глобално влијание и да се заштитат економските и геополитичките интереси на глобално ниво без соодветна воена моќ, сметаат аналитичарите на „Геополитика“.
Но предлозите на Макрон имаат и друга димензија и таа се однесува на поделбата на моќта меѓу Франција и Германија во новата геополитичка ЕУ. Франција не може да се натпреварува со Германија во економски поглед, а сите лостови на економската моќ на ЕУ се во германски раце. Затоа, Франција ја нуди своја воена и нуклеарна моќ. По повлекувањето на Британија од ЕУ, Франција остана единствената членка со нуклеарно оружје. Таа на своите европски партнери сега им порачува дека е подготвена да ја „европеизира“ својата национална нуклеарна моќ, но премолчено за возврат очекува и одреден степен на „европеизација“ на германската економска моќ.


Во таков контекст, Германија ќе продолжи да ги држи економските лостови, како во структурата на ЕУ, така и во надворешната сфера, но ќе ги избегне обвинувањата дека повторно сака да создаде опасна воена машинерија. Додека елементот на воена моќ на новата глобална ЕУ би се потпирал на Франција, економската моќ во заеднички интерес на ЕУ би се потпирала на Германија. Франција сака дополнително да ги интегрира економските институции на ЕУ и на крајот да создаде европско министерство за финансии, со што ќе се компензираат структурните економски нерамнотежи во самата ЕУ. Германија, пак, сака да ја задржи економската сфера цврсто во свои раце и француските предлози ги смета како опасност да биде принудена да ги финансира послабите европски економии. Но, на Германија ѝ е потребна и европска „тврда моќ“ за да ја заштити својата економија на меѓународно ниво и да го одржи нивото на пораст. Француската понуда во тој поглед не би требало да се отфрла, зашто ако се создаваат германски воени нуклеарни потенцијали (што Берлин можеби може брзо да ги развие), тоа би предизвикало несогласувања со многу членки на ЕУ, но и со САД и со Русија. Згора на тоа, тука се и формалните пречки, зашто Берлин е дел од договорите со кои се забранува развој на нуклеарното оружје.

Берлин сѐ уште не одлучил дали да ги прифати предлозите на Макрон зашто тие подразбираат и поделба на апсолутното германско економско влијание. Предлозите на Макрон треба да ја зајакнат француската воена индустрија, која сѐ уште е зад германската воена индустрија, а тоа е уште една причина за германската неодлучност.
Европската економска моќ во моментот е доволно голема за да ја издигне ЕУ на глобално ниво, но тоа не може да се постигне без воената компонента. Ако вистинската цел на францускиот предлог е да создаде геополитичка ЕУ, тогаш Германија треба да го разгледа како нешто од што би профитирале двете страни. ЕУ се наоѓа на крстосница кога треба да одлучи дали да ги направи неопходните чекори, кои вклучуваат и нејзино претворање во нуклеарна сила, за да може да дејствува на глобалната сцена. Ако не го стори тоа, нејзината моќ постепено ќе почне да исчезнува. Затоа, француските иницијативи, вклучувајќи ја и нуклеарната понуда, не треба веднаш да се отфрлат. Германските лидери треба добро да го анализираат предлогот и по сите геополитички размислувања, конечно да прифатат со Франција да ја делат моќта во ЕУ. Но тоа, според „Геополитика“, може да се случи само ако вистинската стратегија на Германија е да ја одржи и зајакне ЕУ, а не таа и ѝ служи само како фасада за нешто сосема друго, исклучиво поврзано со германските национални интереси.