ЕУ сака мигрантски центри на Балканот и во Африка?

114

Лидерите на ЕУ на самитот во Брисел в четврток ќе се фокусираат на миграцијата, безбедноста и на одбраната, како и на економските и на финансиските прашања. Наоѓање европско решение за мигрантите е од клучно значење за политичкиот опстанок на германската канцеларката Ангела Меркел, јавуваат западни медиуми, а пренесува МИА.
Претходно, на мини-самитот во неделата, идејата за проверка на барателите на азил во Европа – во Северна Африка и на Балканот – беше поддржана од неколку лидери на Европската Унија. Поддршката дојде по тензиите околу тоа како најдобро да се справат со новите пристигнувања, кои се закана за поткопување на единственоста на Унијата.
– Поттикнати од договорот со Турција, кој го намали приливот на мигранти од 97 отсто во однос на 2015 година, 28-те членки на ЕУ се подготвени да дадат зелено светло за плановите за изградба на центри за проверки во Алжир, Египет, Либија, Мароко, Нигерија и во Тунис – посочуваат западни медиуми, додавајќи дека се разгледуваат планови за формирање центри за прифаќање мигранти во Албанија.
Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, ги повика членките на ЕУ да издвојат повеќе пари за фонд за Африка, со оглед на тоа дека Унијата работи за воспоставување центри за миграција надвор од Европа. На мини-самитот во неделата, францускиот претседател Емануел Mакрон рече дека „методите што ќе се усвојат“ ќе вклучуваат заедничка работа со транзитните држави и со државите на потекло надвор од ЕУ. Тој ги спомена Либија, главно место за тргнување кон Европа, како и други африкански држави и Балканот.