ЕУ пред раскрсница меѓу своите идеали и политикантството на популистите

78

Најчесто поставуваната дилема во светските медиуми во последно време се поврзува со предизвиците пред кои е поставена ЕУ, каде што во моментов се прекршуваат копјата на финансиските интереси и идеалите врз кои е формирана заедницата како унија на демократии

Анализа за актуелните политички процеси што му се закануваат на функционирањето на европскиот блок

Колку може иднината на Европската Унија да се поврзе со добри меѓудржавни врски базирани врз демократски принципи и постои ли можност Унијата да ги надмине пречките и предизвиците што се однесуваат на функционалноста на блокот по низата отворени прашања, почнувајќи од дилемите со владеењето на правото, а завршувајќи со носењето на европскиот буџет? Имено, овие и слични дилеми периодов се актуелни во јавноста кај државите од Стариот Континент, особено по серијата пишувања на светските медиуми на оваа тема, кои детално ги анализираат пречките во „нормалните“ релации меѓу членките на ЕУ. Во контекст на актуелните настани, за обележување се публикациите на магазинот „Блумберг“, кој неодамна објави серија интервјуа со видни експерти што ги познаваат меѓудржавните релации на ЕУ.

Владеењето на правото и финансиите камен на сопнување

Имено, во разговор со „Блумберг“ оксфордскиот професор Тимоти Гартон Еш оценува дека она што се случува во моментов во ЕУ е многу опасна ситуација. Професорот објаснува дека популистичките движења, особено оние во Унгарија и во Полска, имаат потенцијал да ја држат во заложништво цела ЕУ. Тој вели дека овие состојби се такви бидејќи во моментов се прекршуваат интересите поврзани со големи суми пари на Унијата што се одделуваат од заедничкиот буџет за надградување на суштинските вредности за кои е формирана заедницата.
– Мислам дека повеќето Европејци не сфаќаат колку е лоша состојбата. „Фридом хаус“ неодамна ја класифицира Унгарија како делумно слободна држава, поради што, според мене, таа земја повеќе не е демократија. Во исто време, слична на неа е и Полска, која оди во таа насока. Иако овие држави се рамноправни членки на Унијата и вложуваат големи напори да претстават себеси дека ги почитуваат стандардите на демократијата и владеењето на правото во ЕУ, сепак тие се сосема спротивното. Ако внимателно го разгледате начинот на кој се владее со Унгарија, ќе сфатите дека не станува збор за демократија. Токму тој факт шокира и директно ги повредува принципите на кои е формиран европскиот проект – истакнува Еш.
Натаму, професорот додава дека неговиот најголем страв во моментов се поврзува со механизмот за условеност на владеењето на правото, кој веќе е послаб од првичните претпоставки и кој допрва може да биде голем проблем за заедницата на европски демократии.

Полека згаснува огнот на либералните демократии

На иста линија е Андреас Клут, кој во својата колумна наметнува дебата поврзана со владеењето на правото и либералните вредности на ЕУ.
– Овој проблем е од најголема егзистенцијална важност за Унијата. Ако ЕУ не е заедница на демократии и не го чува владеењето на правото, тогаш повеќе не знам за каква заедница говориме. Јас не прогнозирам дека во иднина ќе се појават нови брегзити, но на некој начин мора да го прифатиме блефирањето на Орбан и на Јарослав Качински, затоа што нивните нации, за разлика од Британците, претежно сакаат да останат во Унијата. Всушност, популистичкиот бизнис-модел се заснова на изреката рани куче да те лае – истакнува Клут.
Тој додава дека ако се анализираат добро фондот за обнова и буџетот, ќе се види дека Унгарија треба да добие финансиски прилив еднаков на приближно десет проценти од нејзиниот БДП.
– Така што, не грижете се дека во блиска иднина Полска и Унгарија ќе излезат од блокот. Но ако не ги решиме овие прашања, нема да добиеме распад на ЕУ, туку постепено слабеење на блокот – резимира Култ.
Колумнистите констатираат дека силно стравуваат оти е можно условеноста на процесите да придонесе ЕУ во блиска иднина да ја загуби идејата врз која е основана. Според нив, доколку Брисел не го реши горчливиот проблем со кој сега се соочува ЕУ внатре, во наредните десет години би можела да опстане единствено како заедница на либерални демократии или, во спротивно, ќе се распадне. Дополнително, тие се согласуваат и дека сепак се оптимисти за опстанокот на ЕУ и покрај пречките што ги наметнуваат Полска и Унгарија, бидејќи во земјите каде што демократијата и слободата беа под закана, луѓето излегоа на улиците да ги одбранат.

Европската солидарност при пандемијата како темел за напредок

Од друга страна, поинаква анализа за состојбите се наведуваа во текст на „Дојче веле“ на слична тема. Имено, германскиот медиум пишува дека и покрај големиот број разлики меѓу европските држави по мноштвото прашања, нема реална опасност за темелен раздор внатре во Унијата. Медиумот во својот осврт истакнува дека европската солидарност, особено искажана во времето кога ЕУ живее под превезот на пандемијата, е одлична можност да се надминат многубројните пречки на европските институции поврзани со распределбата на новиот буџет и спроведувањето на политиките кон унифицирањето на правниот систем.
„Дојче веле“ оценува дека 13-то германско претседателство со ЕУ во моментов е можеби најважното од сите досега, бидејќи Унијата нема да ја пропушти својата можност да застане цврсто во намерите за опстанок на блокот.
– Ако продолжат вака, Унгарија и Полска многу ќе загубат. Време е да се одреди цената на нивната уцена, а Европа да продолжи на старите патеки. Германија со своето претседателство во овие моменти мора да ги убеди сите дека никој не може да ги загрозува демократијата и функционалноста на европскиот сојуз – заклучува „Дојче веле“.