ЕУ го осудува одземањето на имунитетот на Гуаидо

51

Европската Унија е против одлуката за одземање на имунитетот на лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо, со што се отвора пат за негово апсење.

Националното конститутивно собрание на претседателот Николас Мадуро во вторникот вечер донесе одлука да се одземе парламентарниот имунитет на опозиционерот Гуаидо, обвинет за „терористички“ активности од страна на венецуелскиот режим. Хуан Гуаидо е признат од повеќето западни демократии како привремен претседател додека не се одржат нови регуларни избори во земјата.

-ЕУ ја отфрла одлуката на непризнатото Национално конститутивно собрание да се одземе парламентарниот имунитет на Хуан Гуаидо. Оваа одлука претставува сериозно кршење на венецуелскиот устав, како и на владеењето на правото и на поделбата на власта, бидејќи единственото тело надлежно за одземање имунитет на членови на Парламентот е Националното собрание – реагираше денеска Европската Унија преку соопштение.

ЕУ порача дека одблиску ја набљудува состојбата и дека ќе ги „искористи сите соодветни мерки“ во одговор на тековните случувања, но не соопшти повеќе детали за тие мерки.

Иако земјите членки се поделени околу признавањето на Гуаидо како привремен претседател, тие се согласни дека во Венецуела е потребно итно да се одржат фер и демократски избори како единствен политички и мирен излез од кризата.