Ескалира ситуацијата во Сирија, бомбардиран турски воен конвој

450

Ваквиот развој на настаните претставува пресвртница во битката за Идлиб и се случува само неколку часа откако турски тенкови и оклопни возила длабоко навлегоа во Сирија. Анкара инсистира дека нема да дозволи провинцијата воено да биде освоена, предупредувајќи дека тоа неизбежно ќе испрати бран од десетици илјади бегалци кон турските граници, и тоа во период кога турските власти приведуваат и депортираат сириски државјани во Истанбул и во градовите блиску до границата

Сириските сили извршија воздушни напади врз турски воен конвој, кој се упатил кон провинцијата Идлиб во северна Сирија, последното упориште на бунтовничките групи. Во инцидентот, според турски извори, се убиени тројца цивили, а се ранети уште 12 лица. Најновите информации од теренот говорат дека бунтовничките групи делумно се повлекле од Кан Шејкун, расчистувајќи го патот за влез на провладините сили во овој град. Ваквиот развој на настаните претставува пресвртница во битката за Идлиб и се случува само неколку часа откако турски тенкови и оклопни возила длабоко навлегоа во Сирија, пренесуваат светските медиуми.

Провинцијата Идлиб, една од малкуте области што не се под контрола на сириската влада, требаше да биде заштитена од тампон-зоната, што лани беше договорена со Турција. Но нападите на сириската војска се интензивираа од април годинава. Во судирите и воздушните напади досега животот го загубија стотици цивили, а постои голема загриженост дека ќе бидат убиени уште многу лица доколку ситуацијата продолжи да ескалира.

– Ова претставува реализирање на нашиот најлош кошмар. Повеќе години предупредувавме дека најголемата катастрофа ќе биде Идлиб, од каде што нема излез за околу три милиони цивили. Таму има некои навистина лоши бунтовнички групи. Но целосен напад врз областа Идлиб и соседна Хана ќе значи дека милион деца ќе се најдат во центарот на страшни борби, а по сѐ изгледа токму тоа се случува сега – предупреди Јан Игланд од Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ).

Турција, која поддржува дел од бунтовничките групи во регионот, има распоредено сили во Идлиб во согласност со ланскиот договор со Русија. Наџи Мустафа, портпарол на бунтовничката група Национален фронт за ослободување, изјави дека турскиот конвој носел засилување за еден од своите набљудувачки пунктови кога се случил напад. Според новинската агенција АФП, во конвојот имало најмалку 50 оклопни возила, меѓу кои и пет тенка. Но, од друга страна, официјален Дамаск соопшти дека пристигнувањето на конвојот во регионот претставува отворен чин на агресија.
– Сепак, муницијата и засилувањето нема да ги спречат владините сили да ги прогонуваат другите терористи во провинцијата – се наведува во соопштението на сириските власти.

Невладината група „Опсерваторија за човекови права“, со седиште во Лондон, наведе дека руски авион исто така извршил напади во близината на конвојот на 19 август. Анкара порача дека напад претставува отвореното кршење на ланскиот договор со Москва, и оти инцидентот ги зголемува стравувањата за директни судири помеѓу двете земји.

Инцидентот се случува во период кога, по осумгодишна војна, владините сили се обидуваат да ја преземат контролата врз последните бунтовнички упоришта. Сириската војска, поддржана од Русија, наводно веќе навлегла во северозападните преградија на Кан Шејкун. Градот, кој во 2017 година наводно беше цел на напад со хемискиот отров сарин, има големо стратегиски значење во јужна Сирија, бидејќи се наоѓа на автопатот што ги поврзува престолнината Дамаск и Алепо. Доколку биде освоен, тогаш тоа ќе значи дека сириските власти целосно ја опколиле бунтовничката област на југот, каде што се наоѓаат неколку набљудувачки пунктови на турската војска. Пунктовите главно се концентрирани во градот Морек, што наводно е и крајната дестинација за нападнатиот конвој.

Според локални извори, сириската армија ги засилува своите единици источно и западно од Кан Шејкун, а истовремено ги интензивира воздушните напади врз центарот на градот, како и врз околните села. Сириски воен авион минатата недела беше соборен во областа, откако беше погоден од противвоздушен проектил, истрелан од џихадистите од Хајат Тахрир ал Шам. Бунтовничката група ја презеде одговорноста за нападот и објави фотографии, на кои наводно е прикажан заробениот сириски пилот.


Засолниште на три милиони бегалци

Екстремистичките групи се измешаа со другите антивладини бунтовници низ Идлиб и доминираат со делови од провинцијата. Токму нивното присуство беше искористено од Русија и од Сирија да ја почнат офанзивата за освојување на провинцијата во северозападна Сирија, каде што засолниште побараа околу три милиони лица. Како што сириските сили, поддржани од Иран и Русија, ги засилуваа нападите врз бунтовничките групи, раселени лица од сите делови на земјата побараа засолниште во Идлиб. Анкара инсистира дека нема да дозволи провинцијата воено да биде освоена, предупредувајќи дека тоа неизбежно ќе испрати бран од десетици илјади бегалци кон турските граници, и тоа во период кога турските власти приведуваат и депортираат сириски државјани во Истанбул и во градовите блиску до границата.