Ескалираат судирите во Нагорно Карабах

552

Во досегашните речиси четиридневни воени дејства меѓу ерменските и азербејџанските сили за спорниот регион Нагорно Карабах, се убиени речиси сто лица, а ерменските власти соопштија дека турски воен авион соборил еден од воените авиони на земјата

Се интензивираат борбите меѓу Ерменија и Азербејџан за спорниот регион Нагорно Карабах, каде што веќе четврти ден се одвиваат жестоки престрелки меѓу двете страни, при што во конфликтот досега животот го загубиле околу стотина лица. Дополнително, ерменските власти вчера соопштија дека турски воен авион соборил еден од воените авиони на земјата, при што Анкара веднаш го отфрли тврдењето како невистинито, но ваквиот развој на состојбите во Нагорно Карабах, според аналитичарите, може да ги вовлече и регионалните сили Русија и Турција, кои се блиски сојузници на Азербејџан во воен конфликт.
Во меѓувреме, портпаролката на ерменското министерство за одбрана, Шушан Степанјан, на Фејсбук напиша дека воениот авион бил на задача во воздушен простор на земјата кога тој бил соборен од борбен авион „Ф-16“ во сопственост на турските воени сили. Од друга страна, Фахретин Алтун, портпарол на претседателството на Турција, го негираше обвинението, пренесе АП.

– Тврдењето дека Турција соборила ерменски борбен авион е апсолутно невистинито. Ерменија треба да се повлече од териториите под нејзина окупација, наместо да прибегнува кон евтини пропагандни трикови – рече Алтун.
Паралелно на случувањата, Советот за безбедност на ОН соопшти дека ќе одржи итна седница за настаните во Нагорно Карабах. Како што пренесува „Ројтерс“, Германија и Франција ја повеле иницијативата за седницата, но таа била поддржана и од Естонија, Белгија и од Британија.
Во исто време, ерменскиот премиер Никол Пашинјан кажа дека преговорите за Нагорно Карабах треба да продолжат од точката од која почнале, во форматот на Минската група, но дека пред сѐ мора да запрат насилствата. Пашинјан истакна дека тој и рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарале за ситуацијата во Нагорно Карабах, но не се зборувало за можноста Русија воено да интервенира во тековниот оружен конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан.

– Претседателот Путин и јас не разговаравме за можна руска воена интервенција во Нагорно Карабах. Покрај тоа, во моментов не треба да го користиме потенцијалот на 102-та руска база, иако, доколку е потребно, тоа може да се случи затоа што има законска основа за тоа – изјави премиерот Пашинјан. Тој смета дека за спорот за таа територија, која во 1990-тите прогласи независност од Азербејџан и во која Ерменците се големо мнозинство, решение треба да се бара со преговори под покровителство на копретседавачите на Минската група на ОБСЕ. Меѓутоа, истакна дека за такви преговори е потребна „соодветна атмосфера“, пренесува ерменската агенција „Армен прес“.
Инаку, претставниците на земјите од колективното претседателство на Минската група – Франција, Русија и САД го повторија вчера апелот до сите страни веднаш да ги прекинат непријателствата и да ги продолжат преговорите за да се најде одржливо решение на конфликтот.