Ескалација на конфликтот во Сирија

1255

Курдската администрација во северна Сирија соопшти дека сириската армија ќе се распореди по должината на целата граница, во согласност со договорот постигнат со властите во Дамаск

Сириската армија навлезе во северниот дел на земјата, само неколку часа откако Владата во Дамаск се согласи да им помогне на курдските сили, против кои Турција почна голема воена операција. Сириските владини сили пристигнале во градот Аин Иса, кој се наоѓа на околу 30 километри јужно од турската граница. Ваквиот развој на настаните следува откако САД донесоа одлука за повлекување на сите војници од областа, чекор што наиде на остри критики, бидејќи со тоа Вашингтон и де факто му даде зелено светло на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ја почне офанзивата против Курдите во Сирија. Областите што се под контрола на Сириските демократски сили (СДФ), предводени од курдските групи, во текот на викендот беа изложени на жестоко бомбардирање од турската авијација. Информациите од теренот говорат дека има голем број убиени цивили и борци на двете страни, пренесува Би-би-си.

Курдската администрација во северна Сирија соопшти дека сириската армија ќе се распореди по должината на целата граница, во согласност со договорот постигнат со властите во Дамаск.
– Распоредувањето ќе им помогне на СДФ во борбата против оваа агресија и ослободувањето на областите во кои влегоа турската армија и платениците. Овој чекор исто така го отвора патот за ослободување на преостанатите сириски градови окупирани од турската армија, како што е Африн – се наведува во соопштението на СДФ.

Договорот, како што оценува Би-би-си, претставува голема промена во сојузите за Курдите, откако ја загубија воената заштита од нивните долгогодишни американски партнери во областа. Останува непознато на што за возврат се согласила сириската влада. Сепак, командантот на СДФ, Мазлум Абди, призна дека ќе има „болни компромиси“ со владата на Асад и нејзините руски сојузници.
– Не им веруваме на нивните ветувања. Да бидам искрен, тешко е да знаеш кому да му веруваш. Но ако мораме да избираме помеѓу компромис и геноцид на нашиот народ, тогаш сигурно ќе го избереме животот на нашиот народ – порача Абди во авторската статија за американскиот магазин „Форин полиси“.
Турската офанзива и американското повлекување наидоа на остри меѓународни критики, бидејќи СДФ беа главните сојузници на Западот во битката против Исламската држава во Сирија. Но Турција ги смета курдските групи во СДФ за терористи и соопшти дека сака да ги протера од „безбедносната зона“, што, според Анкара, треба да се протега 30 километри на сириска територија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган планира да пресели околу два милиони сириски бегалци од Турција во безбедносната зона. Голем дел бегалци не се Курди, а критичарите предупредуваат дека операцијата на Анкара може да доведе до етничко чистење на локалното курдско население.

Во меѓувреме, Ердоган остро ги критикуваше сојузниците од НАТО, кои ја разгледуваат можноста за проширување на ембаргото за оружје против Турција поради операцијата во северна Сирија.
– Разговарав со германската канцеларка Ангела Меркел и со британскиот премиер Борис Џонсон. Никој од нив двајца не ја знае вистината за турската операција. Ние сме сојузници на НАТО. Ве молам да имате на ум дека сите овие земји се членки на НАТО – порача Ердоган.