Ердоган тврди дека во Турција нема економска криза

34

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека во Турција нема економска криза и ги повика Турците да не користат странски валути при внатрешни плаќања.

– Ние сега сме во период на подем. Не верувајте дека има криза. Сето тоа се манипулации, Нема криза. Зајакнувајќи се, ние се движиме кон иднината – изјави Ердоган во обраќање на собир во Анкара.

Турскиот претседател се осврна и на појавите на внатрешни плаќања во девизи, како во случајот со наемнини за станови и деловини објекти, повикувајќи овие трансфери да се вршат во лири.

– Не се залажувајте со тие манипулации. Во оваа земја нема наемнини во долари и евра. Од сега таквите трансакции ќе бидат во турски лири. Ова е Турција, не САД – порача Ердоган.

Тој истакна дека во Турција платежно средство е турската лира и сите трансакции и купопродажби треба да се извршуваат во националната валута.

Ердоган претходно во неколку наврати ги повикуваше Турците своите заштеди во девизи што ги чуваат дома, да ги заменат во турски лири, како една од мерките за зајакнување на курсот на националната валута.

Од почетокот на годината вредноста на турската лира во однос на доларот се намали за околу 40 отсто, што резултираше со раст на стапката на инфлација и до зголемување на цените на стоките и услугите.

Како мерка за стопирање на растот на инфлацијата и за стабилизирање на националната валута, Турската централна банка минатата недела донесе одлука за зголемување на основната каматна стапка на 24 проценти и покрај противењето на Ердоган, кој каматите ги оквалификува како „извор на сите зла“.

Некои економски експерти и препорачуваа на Анкара да земе кредит од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за да обезбеди стабилизација на лирата, но турската Влада ги отфрли таквите предлози, нагласувајќи дека средства ќе прибира преку директни странски инвестиции.