Ердоган одби средба со Џон Болтон

191

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска одби да се сретне со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, поради „ставовите на САД кон турската офанзива против терористите во Сирија“, објави електронското издание на весникот „Дејли Сабах“.

На новинарско прашање зошто не се сретнал со Болтон, Ердоган изјави дека американскиот дипломат имал „средба со својот колега“ во Анкара, а тој наскоро би можел телефонски да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп.

Болтон денеска во Анкара имаше двочасовна средба со советникот на Ердоган, Ибрахим Калин, посветена на најавената турска офанзива против Силите за заштита на народот на сириските Курди.

По разговорите, Болтон изјави дека побарал гаранции од Турција дека нема да ги нападне Силите за заштита на народот, наведувајќи дека тоа е „услов“ што го поставил Трамп за повлекување на силите на САД од североисточниот дел на Сирија.

На ваквата изјава на Болтон реагираше Ердоган, кој изјави дека Турција не може да ги прифати неговите коментари дека Анкара мора да се согласи да ги заштити курдски сојузници на Вашингтон во Сирија.

Во говорот пред членовите на неговата Партија на правдата и развојот (АКП) во турскиот Парламент, Ердоган рече дека Болтон направил „сериозна грешка”, повикувајќи на нови услови за повлекување на американските сили од Сирија и оти Турција не може да прифати компромис по прашањето на Силите за заштита на народот.

Ердоган наведе дека турските подготовки за нова воена офанзива против „терористичките групи во Сирија“ во голема мерка се завршени.

Турција ги смета Силите за заштита на народот, кои се сојузник на САД во борбата против ИД, за терористичка организација и огранок на Курдистанска работничка партија (ПКК) во Сирија. ПКК, која се бори за автономија на регионите населени со Курди во Турција, е на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Ердоган во изјава за новинарите оцени дека официјални претставници на американската Администрација се обидуваат да го опструираат „јасниот договор“ што тој и Трамп го постигнале во телефонскиот разговор на 14 декември.

Во врска со изјавата на Болтон околу условите за американското повлекување од Сирија, портпарол на Ердоган изјави дека нема успорување во процесот на повлекување на силите на САД, додавајќи дека Анкара е фокусирана на тоа што ќе се случи со американските бази и оружјето што им е дадено на сириските Курди.

Турскиот весник „Хуриет“ денеска објави дека Турција ќе побара од САД по повлекувањето на нивните војници да и ги предадат своите воени бази во Сирија или да ги уништат.

Минатиот месец американскиот претседател Доналд Трамп најави повлекување на американските сили од Сирија, прогласувајќи дека успешно е завршена мисијата за уништување на групата Исламска дежава (ИД).