Ердоган одби помош од милијарда евра од ЕУ за бегалците

132

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган смета дека дополнителните милијарда евра што ЕУ ѝ ги понудила на Турција за да им помогне на бегалците, не се доволни, поради што тој одби да ги прими парите.

– За жал, нашите очекувања за правична распределба на одговорностите останаа без одговор. ЕУ не ги исполни целосно условите на договорот од 18 март 2016 година. Тие велат дека ќе испратат уште една милијарда евра. Кого се обидувате да измамите? Повеќе не ги сакаме тие пари. Турција потроши 40 милијарди долари на бегалците и сама ќе ги најде тие пари – рече Ердоган на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој е во посета на Анкара.

Ердоган додаде дека на 2 март грчките војници убиле двајца мигранти и тешко раниле еден додека се обидувале да ја преминат турско-грчката граница.

Претходно, турски безбедносни извори за „Ројтерс“ изјавија дека Сириец, мигрант кој се обидел да премине од Турција во Грција, починал од повредите здобиени при интервенција на грчките безбедносни сили. Сепак, грчките власти соопштија дека станува збор за лажни вести.