Ердоган: Некои израелски лидери повторно го вратија духот на Хитлер

55

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави денеска дека со израелскиот закон, според кој само Евреите имаат право на самоопределување, се дозволува експлоатација и покажува дека Израел е „најционистичката, фашистичка и расистичка земја“.

Тој во својот говор во Анкара пред пратеници на владејачката Партија на правдата и развојот истакна дека „новиот израелски закон има за цел да продолжи со притисок и изолирање на Палестинците“.

Ердоган, исто така, нагласи дека Израел се покажал како „терористичка земја“, напаѓајќи ги Палестинците со тенкови и артилерија, додавајќи оти „духот на Адолф Хитлер повторно се појавил во некои од израелските лидери“.

Турскиот претседател, меѓудругото, вети дека ќе продолжат операциите на безбедносните сили на сите граници на Турција, сė додека безбедносната закана не биде отстранета. Ердоган изјави дека никој нема право да го критикува новиот закон против тероризмот, кој го подготвува турската Влада.