Ердоган најави бојкот на „ајфон“ и на други американски уреди

80

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека Турција ќе ги бојкотира електронските уреди произведени во САД, како реакција на влошените односи меѓу Анкара и Вашингтон.

– САД економски нѐ напаѓаат не само нас туку и Кина, Русија, Иран и Европа. Ја нападнаа дури и Канада. Но против нас е преземена операција. Ќе ја бојкотираме американската електроника. Тие го имаат „ајфон“, но постои и „самсунг“ – порача Ердоган.

Во исто време и турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ почна кампања за бојкот на американски реклами и фирми. Портпаролот на „Туркиш ерлајнс“, Јахја Устун, на Твитер објави хаштаг НеГиРекламирајтеСАД, апелирајќи и до другите турски компании да се приклучат кон бојкотот.

– „Туркиш ерлајнс“ ги поддржува нашиот народ и држава. Таква наредба им е дадена на нашите рекламни агенции – додаде Устун.

Повик за бојкот на американски производи завчера упати и најголемата турска телекомуникациска компанија „Турк телеком“. Односите меѓу Анкара и Вашингтон се влошија откако САД двојно ги зголемија царините за увоз на челик и алуминиум од Турција и воведоа санкции кон двајца турски министри, како реакција на приведувањето на американскиот пастор Ендрју Бронсон од страна на турските власти.

Во меѓувреме, турската национална валута се стабилизира по неколкудневниот пад на курсот, кога достигна рекордни минимални вредности, по што вчера забележа пораст од шест проценти. Еден американски долар, според официјалниот курс, вчера се менуваше за 6,55 турски лири. Завчера во еден момент доларот достигна рекордна вредност од 7,24 лири, но турската национална валута потоа зајакна по објавувањето на мерките на Централната банка на Турција за обезбедување „целосна ликвидност“ на банкарскиот сектор.