ЕП ќе побара прекин на преговорите за членство на Турција во ЕУ

82

Во предлог-извештајот на Европскиот парламент за Турција се предвидува европратениците да повикаат на официјален прекин на преговорите за членство на Анкара во ЕУ, тврди турската телевизија НТВ.

Според телевизијата, авторката на извештајот, европратеничката Кати Пири како аргумент за ваквиот предлог ја посочува „последната уставна измена, претседателскиот систем и отстaпувањата во сферата на демократијата, човековите права и владеењето на правото“ во земјата.

Во Извештајот за Турција, што Европскиот парламент го усвои минатата година, се повикуваше на прекин на преговорите за членство со Анкара, доколку уставните амандмани за зголемување на ингеренциите на шефот на државата стапат во сила онака како што беа предложени, без измени.

За новиот извештај за Турција, Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент треба да се изјасни во декември годинава или јануари 2019 година, по што предлог-текстот во февруари ќе биде ставен на гласање пред европратениците на пленарна седница.

НТВ наведува дека доколку ваквиот предлог биде усвоен, тоа ќе биде првпат некое тело на ЕУ официјално да побара прекин на преговорите за членство на Турција во Унијата.