Епстајн ги нуди највредните поседи во очајничкиот обид за избегнување затвор

242

Обвинителите во Њујорк посочија дека постои ризик финансиерот Џефри Епстајн, кој е обвинет за злоупотреба на малолетни девојчиња, да избега пред да се одржи судењето. Епстајн понудил дел од неговото богатство во залог, со цел да го избегне одењето во затвор во пресрет на судењето, пренесува „Њујорк тајмс“.

Тој ги понудил вилата во Менхетн и приватниот авион, како и неговиот пасош, а се согласил да биде ставен во домашен притвор и под електронски надзор на неговата локација.

Финансиерот се смета за човек со големо богатство. Тој поседува вила вредна 77 милиони долари, имот вреден 12 милиони долари на Флорида, приватен остров на Карибите и приватен авион.

Ваквата понуда покрена шпекулации, бидејќи неколкумина обвинети досега добиле сличен договор, еден вид кауција кој им овозможива да финансираат свој личен затвор, наместо да бидат сместени во владините затвори. Ваквата практика покрена интензивни дебати за нивната правичност.

Обвинителите не се согласуваат со ваквата понуда, сметајќи дека Епстајн на располагање има неограничени ресурси, кои може да ги употреби за да избега, и бараат тој да биде сместен во владин затвор. Судија треба да ја разгледа понудата за кауција на Епстајн в понеделник.

– Никој не се обидува да ја намали сериозноста на случајот, но јасно е дека обвиненијата спаѓаат во класичните сексуални престапи. Сепак, не постои доказ дека Епстајн принудувал и нудел пари за да доаѓаат девојки во неговата вила – тврдат неговите адвокати Реид Вангартен, Марк Ферних и Мартин Вајнберг.

Епстајн беше уапсен во саботата откако се врати во САД од Париз. Доколку биде осуден, тој се соочува со казна од 45 години затвор поради сексуална експлоатација. Откако сексуално ги злоупотребувал, Епстајн им плаќал на малолетните девојки во кеш и барал да најдат за него нови жртви, а за секоја новодонесена девојка тој плаќал на „жртвата-регрутер“. На овој начин, тој имал секогаш нови жртви за злоупотребување. Засега има три сведоци кои поднеле обвиненија против Епстajн.