ЕПП ќе го разгледува членството на партијата на Орбан

53

Британскиот весник „Гардијан“, повикувајќи се на анонимни извори, тврди дека Европската Народна Партија (ЕПП) би можела да ја исклучи Фидес, партијата на унгарскиот премиер, Виктор Орбан на 20 март.

Членството на Фидес ќе биде на агендата на политичкото собрание на ЕПП на 20 март, според „Гардијан“, на кое треба да биде одобрен изборниот манифест на европските демохристијани за изборите за Европски Парламент на крајот на мај.

Два извора за „Гардијан“ велат дека ќе се разговара за членството на Орбан во европското семејство, во контекст на растечко незадоволство во ЕУ за толерантноста кон унгарскиот премиер, кој редовно води кампањи против ЕУ.

Последниот скандал се однесува на изборните билборди финансирани од Фидес, на кои се појавува претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер заедно со унгарскиот милијардер Џорџ Сорос. Кампањата тврди дека ЕУ на сила наметнува мигранти во земјите членки.

Службите на Европската Комисија со денови редовно ги демантираат наводите од кампањата на Фидес и ги обвинуваат организаторите за ширење лажни вести и дезинформации. Јункер самиот во повеќе наврати изјави дека Виктор Орбан не треба да биде член на ЕПП и дека не ги почитува демохристијанските и европските вредности.

Првпат пред неколку дена реагираше и претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, кој на Твитер најостро ја осуди кампањата на Фидес против Јункер и против Европската Комисија, нарекувајќи го шефот на ЕК „вистински демохристијанин“.

Засега, меѓутоа, шефот на ЕПП во Европскиот Парламент, и кандидат за претседател на ЕК, Манфред Вебер, не смета дека Фидес треба да биде исклучена. Повеќето членови на ЕПП сметаат дека е „подобро“ да остане Орбан во партијата, за да може да се има „контрола“ врз него. Но, всушност, ЕПП стравува дека со исклучувањето на Орбан ќе изгуби значаен број гласови, клучни за сочувување на мнозинството во следниот состав на Европскиот Парламент.