Ел Чапо не се откажува од тунелите, дури ни за судењето

300

Озлогласениот мексикански наркобос Хоакин Гузман, познат како Ел Чапо, бара да му биде овозможено преку тунел да стигне до судницата на Менхетн во Њујорк, за рочиштето во неговиот случај, пренесува „Њујорк пост“.

Адвокатите на Гузман побараа од федералниот судија да го префрли судењето на Менхетн, со образложение оти нивниот клиент на тој начин полесно ќе може да стигне на рочиштето, преку подземен тунел долг околу 200 метри, од затворот на Менхетн до судницата.

Познатиот криминалец вообичаено е транспортиран од затворот до судот преку Бруклинскиот мост, со моторизирана поворка која ја сочинуваат полициски, блиндирани и необележани возила, поради која мостот е затворен за сообраќај.

Се очекува дека судењето на Гузман за шверц на дрога, како и за други прекршоци ќе трае четири месеци. Адвокатскиот тим на Ел Чапо тврди и оти тој не бил водач на картелот Синалоа, туку само „посредник“.

Наркобосот го привлече вниманието на светската јавност кога избега од мексикански затвор преку подземен тунел долг околу еден и пол километар, кој беше опремен со моторизирано средство за превоз на шини, во 2015 година.

Гузман се жали на психолошки и на други здравствени проблеми по неговата екстрадиција од Мексико во САД, во јануари минатата година, што наводно се должи на лошите затворски услови. 

Следното рочиште во судскиот процес е закажано за 4 август.