Кој го гаси светлото во Венецуела?

360

Венецуела по четврти пат останува без струја на национално ниво, проблем кој според властите е предизвикан од електромагнетен напад, пренесува Си-ен-ен.

Без електрична енергија остана половина земја, вклучувајќи го и главниот град Каракас, кој има повеќе од 2 милиони жители. Се смета дека околу 94 отсто од телефонската инфрастуктура на земјата е зафатена од овој проблем, а само 10 отсто од населението има пристап до Интернет.

Точната причина за прекинот на струјата се уште останува нејасна, но слично како во претходните случаи, властите го вперија прстот кон непријателски настроени лица. Властите сметаат дека главната причина е електромагнетен напад, без да прецизираат и да дадат детали за тоа кој стои зад нападот или да се обидат да објаснат како е спроведен, јавува Си-ен-ен.

Снемувањето на струја стана секојдневие во Венецуела, во време кога земјата се соочува со сериозна економска криза, но според странските медиуми, ова е еден од најмасовните прекини на доставување на електрична енергија. Земјата претходно трипати се соочуваше со истата ситуација, а најголеми последици почувствува сиромашното население во Каракас и надвор од главниот град.