ЕК ќе му предложи на ЕП прифаќање на договорот за Брегзит

273

Европската комисија вечерва му предложи на Европскиот совет да го одобри договорот постигнат во преговорите за истапување на Велика Британија од ЕУ.

– Велика Британија и Европската Унија направија решавачки напредок во разговорите за Брегзит – наведе претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во писмото со кое им препорачува на земјите членки на ЕУ да го одобрат договорот за Брегзит.

Како што јави ДПА, писмото на Јункер беше објавено накусо откако британската премиерка Тереза Мај во Лондон објави дека нејзината Влада го поддржала предлог-договорот за Брегзит.

Во меѓу време, главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние во Брисел накусо ја претстави содржината на постигнатиот договорот.

Со него се предвидува Велика Британија во Буџетот на ЕУ да ги уплати обврските за кои се изјаснила во рамки на институциите на Унијата и е утврден преoден рок по Брегзит во траење од 21 месец, односно до 31 декември 2020 година.

Избегнато е воведувањето на царински и гранични контроли на границата меѓу Ирска и Велика Британија, со тоа што британската покраина Северна Ирска ќе остане дел од европската царинска унија.

Договорот предвидува дражавјаните на земјите членки на ЕУ што живеат во Велика Британија, како и Британците населени во државите на Унијата, да ги имаат сегашните права се додека се живи, вклучително и правата на социјална надоместоци и на покана на членовите на нивните семејства да се преселат да живеат со нив.

Почитувањето на обврските од договорот ќе биде под контрола на Судот на ЕУ.

Предвидено е како анекс на договорот да се додаде изјава за идните односи, во која ќе се нагласи дека Велика Британија и ЕУ не можат меѓусебно да си воведуваат царини и квоти за увоз и дека ќе продолжи тесната соработка на безбедносните служби на двете страни.