Експлозија предизвика пожар во руска лабораторија

33

Експлозија на гас предизвика пожар во руска лабораторија во која се испитуваат разни вируси од мали сипаници до ебола, соопштија властите, а пренесе „Гардијан“. Експлозијата се случила за време на поправките на просториите за санитарна инспекција на петтиот кат во државниот истражувачки центар за вирологија и биотехнологија познат како „Вектор“ во Колцово во регионот Новосибирск во Сибир. Во овој руски центар се развивале биолошки оружја во советската ера, а сега е еден од главните руски центри за истражување на болести.
Еден вработен се здобил со изгореници од трет степен во експлозијата што ги разнела прозорците од објектот. Пожарот, кој зафатил 30 метри квадратни од објектот, потоа бил изгаснат.
Руските власти инсистираа дека во просторијата каде што се случила експлозијата немало биолошки опасни супстанции и не била причинета структурна штета.
Вирусот на мали сипаници се чува на две места во светот, во „Вектор“ и во уште една високо обезбедена лабораторија, односно американскиот центар за контрола на болести во Атланта.