Еквадор ќе им го предаде Асанж на британските власти?

97

Еквадор е сѐ поблиску да го повлече азилот за основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, и да го отстрани од еквадорската амбасада во Лондон, предупреди американскиот истражувачки новинар Глен Гринвалд.
Гринвалд тврди дека еквадорскиот претседател Ленин Морено во Лондон се сретнал со британски претставници, со кои разговарал за раскинување на договорот според кој Асанж е под заштита, по што основачот на Викиликс би им бил предаден на британските власти. Асанж живее во Амбасадата на Еквадор во Лондон од 2012 година, откако еквадорските власти му дадоа азил, со што избегна екстрадиција во Шведска, каде што беше обвинет за силување. Основачот на Викиликс е обвинет и во САД поради објавување доверливи информации. Шведска во меѓувреме се откажа од обвинението, но Асанж стравува дека ако ја напушти амбасадата, ќе биде екстрадиран во САД, каде што ќе биде испитуван за активностите на Викиликс.

– Се очекува еквадорскиот лидер да го искористи неговото патување на британските острови за да го финализира договорот, во согласност со кој Еквадор ќе ја повлече неговата заштита за азил на Џулијан Асанж. Морено е блиску до финализирање, а можно е и веќе да го финализирал договорот. Во согласност со договорот, Асанж би можел да биде исфрлен од еквадорската амбасада и предаден на британските власти уште во текот на оваа недела – истакнува Гринвалд, повикувајќи се на извори блиски до еквадорското МНР и претседателот Морено.
Претходно, и главната уредничка на РТ, Маргарита Симонјан, изјави дека Еквадор е подготвен да ѝ го предаде Асанж на Британија во претстојните недели, па дури и денови. Таквиот развој на настаните, според Гринвалд, може да доведе до тоа Асанж да биде осуден на најмалку една година затвор.

– Тоа ќе значи дека Асанж би поминал речиси една деценија затворен, без притоа да биде обвинет, а камоли осуден, за некаков престап – истакна Гринвалд.
Бидејќи Шведска го повлече обвинението против Асанж во мај 2017 година, единствениот судски процес со кој сега тој се соочува во Британија се однесува на налогот за апсење од 2012 година поради тоа што не се предал. Случајот се однесува на неговото добивање азил од Еквадор и наоѓање засолниште во еквадорската амбасада, наместо да ги почитува условите за кауција во Британија.

– Таков престап може да биде казнет со три месеци затвор, сепак британските власти може да го подигнат обвинението против Асанж на „непочитување на судот“, што, пак, носи затворска казна до две години – предупреди Гринвалд.
Покрај тоа, малку е веројатно британските власти да понудат гаранција дека основачот на Викиликс нема да биде испорачан во САД, каде што тој се соочува со затворска казна поради објавувањето тајни документи. Објавувањето тајни документи технички е престап за кој било во САД, но американското министерство за правда досега не прогонуваше некого за тоа обвинение, поради загриженоста дека таков случај би можел да доведе до контраобвинување, дека Министерството не ја почитува слободата на медиумите, а со тоа и Првиот амандман од Уставот. Сепак, администрацијата на Трамп стави јасно до знаење дека нема такви стравувања. Додека беше директор на ЦИА, Мајк Помпео порача дека „Викиликс попусто верува дека слободите од Првиот амандман го штитат од правдата“.