Европските војници ќе бидат глинени гулаби во Африка

299
Илустрација: Нова Макеоднија

Америка очекува од европските сојузници во НАТО да го дополнат нејзиното намалено воено присуство во Африка. Но поради големиот хаос и разните засегнати страни на „црниот континент“, токму Либија може да биде „црната дупка што ќе проголта“ голем дел од европските војници што ќе бидат во состав на НАТО. Експертите коментираат дека Либија има потенцијал да биде „европски Виетнам“.

Свесни за сериозноста од губење на својата повеќедецениска глобална воена доминација, САД и администрацијата на Доналд Трамп преземаат низа решителни чекори насочени кон ограничување на експанзијата на Пекинг и Москва. Еден од тие чекори е и глобалната прераспределба на преоптоварените американски воени сили, односно нивно пренасочување од една кон друга стратегиска насока на дејствување.
Имено, во фокусот на САД сѐ повеќе е Африка. Токму на „црниот континент“, стратезите на Пентагон очекуваат европските сојузници од НАТО да го дополнат намаленото американско воено присуство. Вакви констатации изнесува аналитичарот Зоран Метер во „Геополитика“.

Која е новата воена стратегија на САД за Африка?

На прв поглед чудна стратегија, но кога се анализира подлабоко, се согледуваат логичните размислувања на администрацијата на Трамп за штедење на своите ресурси, намалување на воениот буџет, а од друга страна зголемување на американската „мека моќ“ во функција на зголемување на ефикасноста и зацврстување на глобалното влијание.
Имено, САД во наредниот период ќе почнат со повлекување неколку пешадиски бригади од Африка, што претставува прв од серијата чекори на новата американска стратегија на овој континент. Таа стратегија пред сѐ е фокусирана на сѐ посилното присуство на Кина и Русија во овој регион. Пентагон соопшти дека таквата мерка ќе им овозможи на САД успешна конкуренција со Кина и Русија во Африка. Поради новото преформулирање на американската стратегија во Африка, Пентагон ќе го намали бројот на војници за околу 6.000.
Но стратезите на Пентагон сега предлагаат замена на американската воена помош за Африка со политичко-дипломатска, економска и хуманитарна помош, при што ги повикуваат своите европски партнери од НАТО да ја зголемат својата улога во борбата против тероризмот во Африка. Со други зборови, европските земји-членки на Алијансата, според стратегијата на САД за Африка, би требало да го зголемат бројот на своите војници на црниот континент, а сето тоа би требало да почне од Либија, од каде што доаѓа и најголемата закана за нелегална миграција на европското копно.

Зошто новата стратегија на САД за Африка е опасна за Европа?

Новата воена стратегија на САД за Африка, според анализите на „Геополитика“, е ризична за ЕУ, ако се земе предвид дека Либија, со својот голем број различни радикални вооружени организации и со меѓусебно спротивставени интереси, е екстремно вооружена земја, и покрај постојното ембарго за увоз на оружје. Покрај тоа, на тамошниот терен веќе постојат сили на најразлични надворешни играчи – арапски, руски и од неодамна турски – поради што се поставува прашањето кој е вистинскиот интерес за испраќање воени сили од ЕУ во оваа северноафриканска земја. Како што посочува „Геополитика“, Брисел најверојатно ја воочува заканата дека со либиските актуелни воени случувања, а потоа и со политичките процеси во иднина, би можело „во Либија да загосподарат некои други надворешни сили како Турција или Русија“. Тоа за ЕУ, како што се тврди во анализата „е тешко прифатливо, ако се земе предвид важноста на Либија за Унијата, како за прашањето за нафтата така и за безбедноста, односно за нелегалната миграција и за тероризмот“.

Дали европските војници од НАТО ќе прифатат да гинат во Африка и за каква цел?

Европските војници од НАТО речиси никогаш или, пак, многу ретко, и тоа со ограничен капацитет, не учествуваат во какви било директни воени акции во изминатите дваесетина години, почнувајќи од Авганистан до Ирак, и таа работа редовно им ја препуштаат на американските војници. На Вашингтон досега му одговараше таквата распределба на улогите. Од друга страна, европската воена пасивност постојано им го обезбедува на САД приматот во наметнувањето на своите интереси и донесувањето клучни политички одлуки, кои преостанатите членки на НАТО, по правило, ги прифаќаат. Но во едно такво сценарио, според „Геополитика“, Либија би можела да стане „европски Виетнам“, благодарение на хаосот и големиот број силни надворешни играчи вклучени во тамошните случувања.
За крај, како што се истакнува во анализата на „Геополитика“, не треба да се бега од реалноста и да се постави клучното прашање кој од европските војници денес сака да се бори на вжештениот либиски песок против најразлични фанатици и банди, и тоа не само од Либија туку и од другите делови на Африка, исто така финансирани од најразлични центри на моќ.

САД сметаат дека Европејците треба да ги зголемат силите во Либија